Светските лидери, кои ќе се соберат на Конференцијата за климатски промени на Обединетите нации COP 26 во Глазгов, добија отворено писмо од над 400 меѓународни здравствени организации и експерти, јавува Гардијан. Тие ги повикуваат политичарите да ги земат во предвид здравствените придобивки од климатските активности пред одржувањето на COP 26, кој е предвидено да започне на 31 октомври.

„Знаеме дека климатските промени влијаат врз здравјето на луѓето, ова е сè поочигледно низ целиот свет. Исто така, знаеме дека многу решенија за справување со климатските промени нудат огромни здравствени придобивки“, вели доктор Џени Милер од Глобалната алијанса за клима и здравје, организација која што го подготви писмото до светските лидери.

Во отвореното писмо се наведува за фрапантна бројка од 7 милиони прерано згаснати животи низ светот како последица на загадување и нарушувања на глобалните системи за храна предизвикани од екстремни временски усливи.

Здравствените организации и експертите ги потсетуваат лидерите дека трошоците што ќе ги имаат во подобрување на квалитетот на воздухот и водите и создавање на посигурни резерви на храна, ќе бидат компензирани со заштеди во трошоците за здравствена заштита.

Писмото е потпишано и од генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејсус.

Инаку, СЗО од Женева по велосипед до Лондон ќе го испрати извештајот со 10 препораки за лидерите што ќе присуствуваат во Глазгов, додека педијатрите од Лондон со велосипед ќе патуваат до Глазгов за да им го предадат овој извештај на светските лидери. Целта е да се влијае на свеста на челниците на земјите за да се потенцираат позитивните ефекти врз здравјето од ублажувањето на климатската криза.

Извор: МЕТА