Предадена во употреба детската градинка во ООУ „Рампо Левката“

Градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски и министерката за труд и социјална
политика, Мила Царовска, денеска ја предадоа во употреба новата градинка која
се наоѓа во адаптираните простории во ООУ „Рампо Левката“. Во градинката ќе
бидат згрижени околу 100 деца од предучилишна возраст, за кои ќе се грижат 12
нововработени стручни лица.

„Денеска за сите нас е свечен ден, затоа што најмилите, најмладите, стотина
дечиња од нашиот град, ќе почнат да идат во детската градинка во ООУ „Рампо
Левката“. Се радувам и среќен сум што во општина Прилеп ќе се намали бројот на
дечиња кои чекаат да бидат примени во детска градинка. Заедно со
Министерството за труд и социјална политика, интензивно работевме во
изминатите неколку месеци за да се опреми оваа градинка со инвентар и кадар и
мислам дека сите треба да бидеме задоволни од она што денеска го имаме.
Идните основци кои ќе почнат да одат на училиште, овде ќе се социјализираат и
ќе бидат спремни за на училиште. Години наназад недостигот на градинки,
особено последниве десетина години, е огромен. Затоа со Министерството се
заложивме да се изгради оваа градинка во која ќе бидат згрижени стотина деца, а
на ред чекаат уште 400 деца“, изјави градоначалникот Јованоски на денешното
предавање на новата детска градинка.

Јованоски напомена дека во тек е постапка за изработка на проектна
документација за изградба на градинка во населбата „Точила“, а се вршат
подготовки за отворање на уште една во Тутунски Комбинат. Исто така,
градоначалникот најави дека кај две компании од градот постои интерес за
отворање градинки, пред се’, за потребите на нивните вработени, што ќе
придонесе за ублажување на проблемот.

Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика, рече дека опфатот на
деца во детските градинки во нашата држава е низок и дека децата на возраст од
0 до 6 години опфатени се само со 29%, а нешто поголем, 35%, изнесува опфатот
на деца од 3 до 6 годишна возраст.

„Нашата интенција е овој број да се зголеми, да се прошири капацитетот на
предучилишното образование во државата, со цел што повеќе деца да имаат
пристап. Руралните средини, одредени региони, има општини каде нема ниту
еден објект и тоа е така затоа што не сме се грижеле овој капацитет да стане
реалност. Токму тоа го правиме – општините аплицираат, очекуваме дека за 50%
ќе го зголемиме бројот на деца во градинките“, изјави Царовска.

Таа потенцираше дека системот за детска заштита со години бил запуштен, дека
се отворале градинки кои, всушност, не се отворале. Како што истакна
министерката за труд и социјална политика, постоеле фотографии кои кажуваат
како претходниот градоначалник се сликал во истата таа градинка, иако таа се
отвора денеска, и тоа после многу технички интервенции направени од страна на
новиот градоначалник Илија Јованоски.

Во изминатиот период, во градинките во Република македонија отворени се 500
нови работни места, а приоритет на Владата ќе биде, како што рече Царовска,
изградба на градинки во руралните средини.

Орце Тодороски, в.д. директор на ЈОУ за деца Детска градинка „Наша иднина“,
рече дека во употреба се предава една од најсовремените градинки не само во
Прилеп, туку и во Република Македонија. Во градинката ќе бидат згрижени окол
100 деца, со што бројот на незапишани деца ќе се намали од 500 на 400.

„Воспитно-образовниот процес во градинките ни е најважен, но и хигиенско-
техничкиот и социо-економскиот се многу важни за Прилеп. Денеска се
реализирани 12 нови вработувања со решенија на неопределено работно време,
а претходниот месец по разни основи, решенија добија 18 лица“, истакна
Тодороски.

Во општина Прилеп функционираат 11 градинки, од кои 6 се во градот, 5 во
населените места, во кои се згрижени вкупно 1.200 деца. Во ЈОУ за деца Детска
градинка „Наша иднина“, вработени се 146 лица.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …