Владата го утврди новиот предлог-закон за игри на среќа и забавни игри, кој воведува значајни забрани и ограничувања во областа на коцкањето, со посебен акцент на заштитата на младите и ограничување на рекламирањето.
Според владината портпаролка Венера Азизи, по првпат се воведуваат строги правила за рекламирање на игри на среќа. „Се забранува рекламирање преку познати личности и содржини насочени кон малолетници. Испраќаме јасна порака дека коцкањето не смее да се нормализира, ниту да се претставува како стил на живот пред младите“, порачаа од Владата.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека внимателно работеле на законот, имајќи ги предвид сите параметри поврзани со оваа индустрија.
„Градовите почнаа да ни наликуваат како оние градови каде коцкарниците се главна индустрија и тоа не личеше на ништо. Со казината, како по правило, се отвараат и канцеларии во кои се даваат брзи кредити, па наскоро ќе работиме и на таа проблематика“, изјави денеска Мицкоски.
Анализите на Владата, вели тој, покажале дека најголем дел од луѓето како причина за напуштање на државата ги наведуваат како аргумент долговите коишто се наталожиле. „Со овој закон драматично ќе ја подобриме состојбата во државата“, вели премирот.
Строги забрани за рекламирање на коцкање
Со новиот закон се забранува рекламирањенадвор од деловните простории ако има цел да ги поттикне граѓаните да учествуваат во коцкање.
Дополнително, се воведуваат следниве забрани:
- пораки што го претставуваат коцкањето како пат до финансиски успех
- рекламирање што ветува подобар живот или решение за лични и социјални проблеми
- користење познати личности во реклами
- содржини насочени кон малолетници
Се забранува рекламирање кое директно ги поттикнува граѓаните да учествуваат во игри на среќа.

Коцкарници најмалку 500 метри од училишта
Една од клучните мерки во законот е воведувањето на минимално растојание од 500 метри помеѓу коцкарниците и училиштата.
Ова опфаќа казина, автомат-клубови, обложувачници и објекти со електронски игри на среќа. Во обложувачниците што се наоѓаат во радиус до 500 метри од училишта ќе биде забрането поставување видеолотариски терминали и друга електронска опрема за коцкање.
Институциите веќе преземаат активности против нелегалното коцкање на интернет. Досега се затворени 358 нелегални странски онлајн платформи. Станува збор за платформи кои функционирале без лиценца, без контрола и без никаква заштита за граѓаните.
„Институциите ќе продолжат со засилени контроли и законски мерки против нелегалните приредувачи“, вели Азизи.
Алармантни податоци за младите и коцкањето
Истражувањата покажуваат загрижувачки трендови кај младите. Анализа на Институтот за јавно здравје, објавена во декември 2025 година, покажа дека 25% од учениците се коцкале во последните 12 месеци.
Онлајн коцкањето е застапено кај 15% од учениците, со значителна разлика меѓу момчињата (21%) и девојчињата (9%).
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место