„Предвремени избори“ - непристоен предлог на политичкиот дунстер

„Предвремени избори“ – непристоен предлог на политичкиот дунстер

Пишува: Зоран Милошески

Со цел да предизвика предвремени парламентарни избори, Мицкоски најави целосна блокада на Собранието преку поднесување амандмани и активно говорење на пратениците на комисиските и парламентарните седници.

Од најголемата владејачка партија одговорија дека со најавената блокада, Мицкоски не ја блокира Владата, не го блокира СДСМ, туку со неговите деструктивни и недржавнички постапки им нанесува штета единствено на граѓаните.

Во време кога економската криза продуцирана од двегодишната пандемија на коронавирусот и руската инвазија на Украина зема замав, кога граѓаните бараат чаре за задоволување на основните егзистенцијални потреби, ваквата одлука не може да се дефинира никако поинаку освен како – антидржавна.

Притоа, начинот кој Мицкоски го одбрал да издејствува средба со премиерот Ковачевски на која би се разговарало исклучиво за одредување на датум за предвремени избори, претставува шалабајзерски потег на политички дилетант.

Сериозен политичар никогаш не би си дозволил одбројување на 10-те дена, колку што на Мицко и Извршниот комитет на ДПМНЕ им се сонило дека треба да му ги дадат на Ковачевски, како нивни ултимативен „непристоен предлог“. Не постои премиер или претседател на владејачка партија кој би прифатил таква уцена, особено не кога таа доаѓа од тежок аматер и дунстер, олицетворен во „ликот и делото“ на марионетата на унгарскиот бегалец.

Не само затоа што уцената е неприфатлива форма за остварување на дијалог на релација власт-опозиција, туку уште повеќе заради нејзината некомпатибилност со демократијата и градењето демократско општество.

Истовремено, по автоматизам се наметнува прашањето: што ќе се случува во иднина ако блокирањето на работата на Собранието, заради една или друга причина, наместо исклучок стане правило? Како тогаш ќе функционираат институциите на државата? Како ќе преживуваат граѓаните?

Или конкретно: да речеме дека уште утре Ковачевски ќе се согласи на предвремени парламентарни избори после кои, хипотетички, ВМРО-ДПМНЕ ќе формира Влада. И, што ако веќе на првата седница на новиот собраниски состав, идната опозиција со купишта амандмани ја блокира работата на Собранието, само заради една цел – предвремени избори!?

Што тогаш? Што после тоа? Како ќе излеземе од бескрајниот изборен вртлог? Колку такви изборни циклуси може да издржи државата пред да прогласи банкрот? Два? Три? Или ни толку?

Ете затоа папагалското гракање на Мицко за предвремени избори сега и одма, по секоја цена, е политички неиздржано и целосно бесмислено. Тоа е основната причина поради која не постои демократска држава или релевантна меѓународна институција во светот, која поддржува ваков начин на блокирање на работата на највисокиот законодавен дом.

На што се должи ваквото нерезонско и крајно нетактично однесување на инсталацијата на Грујо во претседателската фотелја на ДПМНЕ?

Првенствено на свесноста дека рејтингот на партијата, вклучително и неговиот личен рејтинг, го достигнаа зенитот и дека нивниот постепен обостран пад неизбежно ќе започне пред почетокот на летото. Главната причина за тоа се гледа од авион – неспособноста на неговите градоначалници!

Иако некадарен и политички ненадарен, Мицко не е толку аналфабет за да не види дека неговиот довчерашен најсилен адут, победата на локалните избори и новите општински “татковци“, станаа негов најголем камен на сопнување.

Во четвртокот се навршија точно 200 дена од победата на 22 кандидати за градоначалници на ДПМНЕ во првиот изборен круг и петнаесетина дена помалку од сместувањето на дваесетината други негови сопартијци во градоначалничките фотелји. Големата победа прерасна во огромно фијаско. Нереалните ветувања дадени во изборната кампања, за само 7 месеци, пукнаа како меур од сапуница!

Ваква безидејност, неработење, отсуство на чувство за организација на работата на локалната самоуправа и за решавање на проблемите и потребите на граѓаните, во овие 30 години независност на Македонија – немало!

Наместо со својата работа и со пропишаните законски надлежности, градоначалниците се занимаваат со протоколарни и „купи-ден-помини“ активности: полагање цвеќиња на споменици, присуство на верски празници и црковни обреди, бесцелно арчење на времето на петпарачки настани и бесмислени манифестации. Занимавајќи се со формата, целосно ја заборавија суштината на функцијата.

Впрочем, ако не верувате во кажаното, отворете ги веб-страниците на било која општина во државата. Тука најдобро се гледа што се’ (не) сработиле општинските власти во изминатиот период. Тоа што ќе во видите вие, го гледа и го знае и Мицко. А она коешто му е јасно како ден и кое уште повеќе го вади од памет, е сознанието дека работите одат на полошо и дека допрва ќе му бидат „камче во чевелот“.

Дополнително, можеби конечно од седуммесечниот сон ќе се разбудат и локалните социјалдемократи и ќе почнат да ја скенираат и критикуваат работата на градоначалниците? Бидејќи во ситуација кога освен вдомување на партиски војници и блиски роднини и пријатели, во општините се случува едно големо НИШТО, ваков комодитет на непречено владеење ниту имало, ниту смее да има.

Оти гласното размислување на граѓаните околу дилемата „Кој е послаб, власта или опозицијата?“, претставува сериозна закана по СДСМ во насока на негово долгорочно дефинирање како ирелевантен политички фактор.

Прочитајте повеќе

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Откако Александар Николоски го обвини Венко Филипче дека ја злоупотребува професијата лекар, Филипче му порача …