Преговорите со средношколците – „матурски испит“ за Владата

Пишува: Зоран Милошески

Политиката е прашање на прагма. Упорното и тврдоглаво „туркање“ на лични ставови и отсуството на чувство за моментот кога треба да се ретерира од првично донесената одлука, не е одлика на вистинските политичари. Или, поконкретно, токму во тој сегмент е разликата помеѓу големите политичари, и оние другите, (под)просечните.

Бојкотот на наставата од страна на матурантите и нивното барање наместо четири, да полагаат само два предмета за државната матура, наиде на отпор од страна на Министерството за образование и наука. Министерката Царовска, децидно одбива да го прифати барањето на Сојузот на средношколци за измени при полагањето на матурскиот испит.

Она што од досегашниот тек на бојкотот на наставата може да се заклучи, е дека во него нема партиска боја, односно дека влијанието на опозицијата врз средношколците е мал, или речиси никаков. За тоа зборува фактот дека меѓу матурантите кои одбиваат да ја следат наставата, голем е бројот на оние кои се блиски до владејачката СДСМ. Она што е уште позначајно, е дека матурантите ја имаат безрезервната поддршка на своите родители.

Притоа, фактот дека еден од мотивите за нивните барања се должи на идеата со помалку труд да го постигнат истиот ефект, воопшто не ја менува суштината на проблемот кој има интенција да прерасне во политички. Бидејќи, ако се’ до скоро опозицијата, намерно или не, се држеше настрана од бојкотот, не беше логично да се очекува дека таквата ситуација ќе остане до бесконечност.

Напротив, опозициските партии, па дури и дел од парламентарното мнозинство, излегоа со отворена поддршка за барањата на Сојузот на средношколци, кои „играјќи“ си политика, влегоа во преговори и со пратенички групи. И не само тоа, туку една од нив, пратеничката група на ДПМНЕ, веќе поднесе предлог-закон за измени и дополнување на Законот за средно образование, кои се целосно во согласност со барањата на Сојузот. Што значи дека е само прашање на денот, кога барањата на средношколците и официјално ќе влезат во собраниската сала!?

Верувам дека сето ова и’ е познато на министерката Царовска, исто како што сум убеден дека и премиерот Заев будно го следи развојот на ситуацијата. И ако скромното партиско портфолио на министерката е некаква „олеснителна околност“ за нејзиниот непопустлив став дека годинешното полагање матура е апсолвирана тема, за разлика од неа, премиерот и првиот меѓу еднаквите социјалдемократи, има богато искуство по тоа прашање. И знае дека времето не е на негова страна. Оти, на полагањето матура му претходи 21 март и гласањето на неговите партиски другари за (старо)нов лидер, а „постматурски“ следуваат исклучително значајните локални избори. Ниту една од тие битки, Заев не смее да ја изгуби.

Домашната политичка сцена изобилува со примери, во кои владејачката гарнитура платила висока цена заради одењето „со глава во ѕид“ по однос на прашања кои биле од важност за одредена група на граѓани. Или, генерално, за сите граѓани.

Сеуште се свежи сеќавањата на една слична ситуација од 2015 година – бојкотот на наставата и на протестите кои ги организираше тогашниот Средношколски пленум, со цел укинување на екстерното тестирање кое во 2010 година тогашната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, го воведе со измените на законите за основно и средно образование. Повеќето средби кои претставниците на пленумот ги имаа со МОН, не дадоа резултат. Идентично како и сега, одговорот на тогашниот министер за образование беше дека екстерното оценување останува и дека „измени во концептот на полагање на државната матура ќе има во идните години“.

Знаеме каков беше исходот од недоразбирањата на релација власт – средношколци и, уште повеќе, колкава беше политичката штета која што груевци, постфестум, ја имаа од тврдоглавото и неразумно инсистирање за екстерно оценување.

Искуството кажува дека ако не сака да ја доживее судбината на Владата на ДПМНЕ, власта ќе мора сега и веднаш да најде излезно решение од оваа образовна папазјанија. Привремениот прекин на бојкотот, може да се разбере и како подавање рака од страна на матурантите за изнаоѓање прифатливо решение за двете страни. Она што исто така е повеќе од јасно, е дека дури и во случај на прифаќање на барањата на Сојујот на средношколци, СДСМ нема да има никаков политички бенефит, туку максимумот кој може да го извлече од евентуалниот договор е „позитивна нула“.

Изгледа дека некој во владејачката структура го потценил, или не го разбрал значењето на изреката „со деца не се срка маштеница“. Од тие причини, кажано со шаховски речник, ми изгледа прилично логично дека ако сака да дојде до „реми“, Заев ќе мора да жртвува „фигура за квалитет“. Дури и ако е во прашање „кралицата“.

Прочитајте повеќе

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање на безбедносните проблеми во …