Пишува: Зоран Милошески

Денеска во Прилеп се одржа 17-ти Меѓународен турнир во џудо „Прилеп Опен 2018“. Турнирот кој е во организација на прилепскиот џудо клуб „Пролетер“, годинава на едно место собра повеќе од 200 натпреварувачи, членови на 20 клубови од 6 држави.

„На турнирот учествуваат над 200 натпреварувачи од 20 клубови од Молдавија, Грција, Бугарија, Србија, Косово и Македонија и на него се натпреваруваат помлади и постари пионери, кадети и јуниори. Со оглед на квалитетот на учесниците, очекувам одлични борби. Во оваа прилика сакам да напоменам дека следната година нашиот клуб слави 40 години од постоењето, така што со припремите за следниот 18-ти турнир започнуваме уште утре“, изјави тренерот на џудо клубот „Пролетер“, Славе Димитријоски.

Меѓународниот џудо турнир „Прилеп Опен 2018“, за отворен го прогласи Благоја Гешоски, потпретседател на Џудо федерацијата на Македонија и член на раководството на џудо клубот „Пролетер“.

Тој на гостите од другите градови во Македонија и од странство им посака пријатни моменти за време на престојот во Прилеп, со порака да уживаат во она што го нуди џудото како спорт и благородна вештина.

„Ова е 17-ти по ред меѓународен џудо турнир „Прилеп Опен“, што значи дека како турнир и како организатори, сме ги поминале сите детски болести. Во изминатите години, при организацијата на турнирот имало и подеми и падови, но и покрај сѐ турнирот опстоил и денес е меѓу најсилните во државата. Сето тоа благодарение на пријателите на џудото, на спонзорите, но пред сѐ на тренерот, професорот Славе Димитријоски, кој со својот ентузијазам и љубов кон џудото, го направи она што го имаме во Прилеп како џудо спорт. Што се однесува до денешниот турнир, посакувам лекарите да немаат работа, судиите да бидат праведни, а натпреварувачите да го покажат најдоброто од она што ги научиле нивните тренери“, рече Гешоски.

На „Прилеп Опен 2018“ го затекнавме и осведочениот пријател на прилепските џудисти, џудо тренерот Калед Симонс од Англија. Познанството со Игор Димитријоски, еден од тренерите на џудо клубот „Пролетер“, кое датира од пред десетина години, била главната причина Симонс да покаже интерес за македонското џудо. Првиот пат кога го посетил Прилеп и џудо клубот „Пролетер“, се случил пред 9 години и оттогаш не престанува помошта која тој му ја дава на прилепскиот џудо клуб. Помошта прво се состоела од опрема за клубот, за да потоа на негова покана во Англија престојуваат неколкумина млади џудисти со цел да стекнат меѓународно искуство. Исто така, Симонс на тренерите на клубот им презентирал и неколку нови методи на тренинг.

„Во Англија сум тренер на џудо клубот „Pinewood“, кој има 60 годишна традиција и од кој произлегле 3 светски шампиони. Исто така, бев тренер во џудо клуб во Вимблдон, во академијата на Реј Стивенс, кој во 1992 година на Олимпијадата во Барселона освои сребрен медал. Голем приврзаник сум на џудото во Прилеп, најмногу по заслуга на семејството Димитријоски, а минатата година во Скопје одржав два семинара. Се обидувам да му ја дадам мојата помош на џудото во Македонија. За разлика од некои други спортови, во џудото не мора да имате 11, 15 или повеќе натпреварувачи и да ги вклопувате во тим за да имате меѓународен успех. Во џудото можете да се концентрирате на еден или двајца натпреварувачи. Видете го примерот со Косово, каде со двајца добри џудисти имаат силен клуб и репрезентација, кои Косово го доведоа на светската спортска мапа. Верувам дека слично нешто може да се случи и во Македонија“, истакнува Симонс.

Зборувајќи за состојбите на џудо спортот во неговата земја, тој напомена дека Англија има традиција во џудото, дека дала светски прваци и освојувачи на олимписки медали и дека сега се прават обиди за враќање на овој спорт на старите патеки.

„За среќа, имаме добра џудо федерација која го поддржува развојот на младите, која инвестира во едукација на тренери и која се залага овој спорт што повеќе да биде застапен во училиштата. Но да бидам искрен, му давам предност на џудото во Македонија, бидејќи овде најмладите покажуваат голем интерес за овој спорт, многу се талентирани и вредно работат“, потенцираше англискиот џудо тренер, Калед Симонс.