лажна наградна игра

Преку лажна наградна игра се манипулираат граѓаните за да се соберат нивните лични податоци

Речиси 8 илјади граѓани се фанови на лажната Фејсбук страница на „Техномаркет“, каде што се споделува лажна наградна игра дека ќе се донираат 670 фрижидери и шпорети, ако корисниците остават лични податоци. Дека станува збор за лажна наградна игра веќе реагираа и од компанијата „Техномаркет“ од каде ги повикаа граѓаните доколку се сомневаат дека оставените податоци се злоупотребени, да го известат Одделот за компјутерски криминал при МВР, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој преку невистинит текст и невистинито ветување за доделување на награди наводно од Техномаркет, се врши дезинформирање на корисниците на социјалната мрежа, како и нивно манипулирање.

Во објавата се вели:

Среќни сме да објавиме дека ќе донираме 670 фрижидери и шпорети кои не можат да се продадат поради помали гремнатини и помали оштетувања, сите машини работат, па по случаен избор ќе испратиме до некој што споделува и пишува ,,Готово” пред 29 август. Последниот чекор што треба да го направите е да кликнете на овој линк (н.з. поставен е линк во состав на постот кој нема да го внесеме овде бидејќи станува збор за линк дизајниран за да се собираат лични податоци на граѓаните) за вашето име да биде регистрирано како официјален победник на нашиот настан.

Оваа наводна наградна игра е лажна, меѓутоа објавата на Фејсбук е исклучително вирална, има 5.900 споделувања, 9.500 коментари и 4.300 допаѓања во моментот на пишувањето на оваа рецензија. За наводната наградна игра да изгледа поверодостојно, креирана е фан страница каде што е злоупотребено името и логото на Техномаркет. Оваа лажна фан страница не е официјалната фан страница на Техно Маркет на Фејсбук, иако носи слично име, TehnoMarket FANS.

Дополнително, во постот што го рецензираме, поставени се фотографии од бела техника која наводно ќе биде подарена на тие што ќе напишат коментар „Готово”. Голем дел од корисниците на Фејсбук поверувале во веродостојноста на наградната игра, а тоа се гледа од самите коментари со содржина „Готово” под фотографиите. Понатаму, неименуваниот администратор на лажната Фејсбук страница, под секој таков коментар остава дополнителни инструкции постот да се шири во најмалку пет до дваесет други групи на Фејсбук како „услов за да се учествува во наградната игра”.

 

Оваа невистина, дополнително придонесува постот да биде исклучително вирален, поради тоа што измамените учесници, мислејќи дека така си ги зголемуваат шансите да освојат награда, го споделуваат невистинитиот повик во наградната игра и до други корисници на Фејсбук во групи кои бројат илјадници членови. Понатаму, во постот е објавен и линк до посебна веб-страница каде што се повторува невистината дека Техномаркет доделува фрижидери, по што се упатуваат корисниците да се регистрираат, да преземат некаква апликација за спонзорство и да испратат СМС порака. На овој начин им се собираат и електронските адреси и телефонските броеви на оние што ќе се регистрираат и се лаже дека „нивната награда ќе биде обработена и испратена до нив во рок од неколку минути по успешната регистрација”.

Вкупно 7.900 граѓани се фанови на оваа лажна фејсбук страница на Техномаркет.

Инаку, Техномаркет има официјална фан страница на Фејсбук со над 160 илјади следбеници.

Дека оваа фан страница е веродостојна покажуваат голем број елементи – податоци за контакт на компанијата, линкови до официјалната веб-страница на Техномаркет, понатаму, страницата е многу респонзивна на пораки и коментари од корисниците, постојано се објавуваат соопштенија и флаери за попусти и се промовираат производите, а има и линк за онлајн купување.

На оваа официјална страница Техномаркет демантираше дека е креатор на наградната игра споделена во постот што го рецензираме.

ВАЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ!!! Почитувани потрошувачи, ТЕХНОМАРКЕТ МАКЕДОНИЈА Ве известува дека се појави лажна Фејсбук страница која го користи името и логото на нашата компанија и со лажна наградна игра се обидува да ги злоупотреби Вашите лични податоци и да Ве доведе во заблуда.
Името на оваа страна е TehnoMarket FANS, доколку веќе сте споделиле Ваши податоци со оваа страна веднаш избришете ги и страната пријавете ја кај администраторите на Фејсбук, а доколку се сомневате дека оставените податоци се веќе злоупотребени известете го одделот за компјутерски криминал при МВР. ТЕХНОМАРКЕТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје се оградува од сите дејствија настанати преку лажната Фејсбук страница. Ве предупредуваме да не наседнувате, да не оставате Ваши податоци и да не учествувате во наградната игра зад која не стои официјалната страница на Техномаркет. Единствена Фејсбук страница на Техномаркет Македонија е https://www.facebook.com/TehnomarketMakedonija/ а лажната страница е пријавена кај надлежните органи. Со почит, Техномаркет Македонија ДООЕЛ Скопје, пишува на официјалната фан страница на Техномаркет.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека постот кој го рецензираме е невистинит. Станува збор за лажна и невистинита наградна игра во која се злоупотребени брендот, логото и името на Техномаркет со цел да се соберат лични податоци од корисниците на Фејсбук.

Прочитајте повеќе

Влада

Уставните измени ќе ја кројат владината коалиција

Според Таравари, тенденција на Курти и Рама била заедничка листа на сите партии на Албанците, …