Премиерот Заев: Достигнувањата на штедилница ФУЛМ на интернационално ниво се значајна афирмација на Република Македонија

Премиерот Заев: Достигнувањата на штедилница ФУЛМ на интернационално ниво се значајна афирмација на Република Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше на настан посветен на 70 години од одбележување на Интернационалниот ден на кредитни унии и јубилеј од 20 години работење на штедилница ФУЛМ. Во присуство на истакнати членови и соработници на штедилницата ФУЛМ се обратија Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, Претседателот на штедилница ФУЛМ, Стево Андровиќ и управителката Елеонора Згоњанин Петровиќ. Во своето обраќање Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев истакна:

„Најнапред дозволете ми да Ви го честитам големиот јубилеј – 20 години од работата и постоењето на штедилница ФУЛМ.

Сакам со вас да ги споделам моите искрени чувства.

За мене претставува огромно задоволство и голема радост што сум денеска во моето родно Муртино, местото кадешто сум роден, а и кадешто започнува успешната приказна на ФУЛМ започнува.

Денешниот ден е посебно важен за компании кои работат во областа на финансиските услуги бидејќи денес се прославува 70 годишнина од одбележувањето на Интернационалниот ден на кредитните унии.

Дозволете ми да ја искористам оваа прилика да упатам искрени честитки до менаџментот на ФУЛМ и членовите за признанието и успехот што го постигна вашата компанија оваа година во Сингапур – ЗА најдобра во светот во конкуренција на 106 земји за кредитни унии.

Ова е знак дека кога вистински се сака и посветено се работи – успехот е достижен.

Бизнис идејата на ФУЛМ започнува пред 20 години овде во Муртино, и токму овде првите кредити и штедни влогови се реализирани за денеска повеќе од 20.000 граѓани на Република Македонија да ги користат услугите на оваа штедилница.

Дополнително, вашите достигнувања на интернационално ниво се значајна афирмација на Република Македонија и можностите што нашата земја ги нуди.

Сакам да знаете дека Владата на Република Македонија останува ваш партнер во реализацијата и постигнувањето на вашите бизнис цели. За економскиот развој на земјата исклучително е важно да ја видиме Република Македонија интегрирана во ЕУ и НАТО.

Огромни можности за соработка и развој на бизнисите ни стојат располагање кои никако не смееме да ги испуштиме. Јас сум убеден и знам дека ќе таквата перспективна иднина ќе биде наша реалност.

На самиот крај дозволете ми уште еднаш да ви го честитам 20 годишниот јубилеј и да ви посакам многу среќа и успех во понатамошното работење!“.

Прочитајте повеќе

Студенти

Студентите што земаат стипендии може да ги продолжат до крајот на октомври

Аплицирањето се врши онлајн, на порталот „е-услуги“ на МОН. Рокот за продолжување на стипендиите, односно …