Претседателот на Владата, Зоран Заев денеска и утре, 16 и 17 октомври ќе престојува во работна посета на институциите на Европската Унија во Брисел.
Премиерот Заев, заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и со министерот за надворешни работи, Никола Димитров попладне ќе остварат средба со комесарот за проширување и соседска политика во Европската Комисија, Јоханес Хан.
Веднаш после средбата која почнува во 16.30 часот, во зградата на Европската Комисија премиерот Заев и еврокомесарот Хан ќе дадат изјави за медиумите.
Делегацијата на Владата на Република Северна Македонија, предводена од премиерот Заев потоа ќе има средба со претседателот на Европскиот парламент, Давид Мариа Сасоли и со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
Во текот на утрешниот ден, претседателот на Владата на Република Северна Македонија ќе оствари средба со потпретседателот на Европската Комисија Франс Тимерманс.