Премиерот Заев од Берово: 260.000 евра добива Македонија како помош од ЕУ

Премиерот Заев од Берово: 260.000 евра добива Македонија како помош од ЕУ

Посочувајќи ги бенефитите од зачленувањето во НАТО и во Европската Унија, премиерот Зоран Заев синоќа пред беровчани истакна дека грантовите и финансиската поддршка коишто и сега ги добива Македонија од фондовите на Унијата за развој на патната и железничката инфраструктура, на пример, по зачленувањето на земјата ќе се зголемат неколкукратно. Дополнително, посочи Заев, ќе се отвори огромниот пазар на ЕУ за македонските земјоделски производи.

„260.000 евра дневно добива Македонија како  помош од Европската Унија. Таа помош ќе расте со нашиот напредок кон унијата. Европската унија – тоа е пазар на 500-тини милиони потрошувачи. Не е исто тоа што го произведувате, дали е беровскиот компир, дали е сливата или било што да го продавате овде на пазар од милион и шестотини или на 500-тини милиони потрошувачи. Тоа не е исто. Зошто не е исто? Зголемена побарувачка, посигурен пласман и повисока цена. Тоа се големи придобивки“, рече премиерот Заев на Граѓанската трибина во Берово.

Претседателот на Владата на Република Македонија и во исто време претседател на СДСМ, Зоран Заев синоќа на средба со граѓаните во Берово уште еднаш ги повика опозициските политички партии, субјекти, граѓански здруженија и поединци кои не се дел од коалицијата „Заедно за европска Македонија“, да се вклучат, бидејќи како што рече, само храбрите и мудри луѓе носат храбри и мудри одлуки.

„Ова што го правиме е вредно за нашата заедничка Република Македонија. Опозицијата може да биде критична, должност и задача и е да биде критична. Може и да не се согласува со договорот. Може по Заев да маваат и дрва и камења. Може да викаат колку сакаат дека е катастрофален. Но, таа е исто така за НАТО и за ЕУ. И истата таа опозиција знае дека нема НАТО и ЕУ без договор со Грција. Затоа ја користам приликата и од убавото Берово, да ја повикам преку овие камери да се приклучат. Нашиот народ сака еднаш да не види заедно. Ако не за иднината на Македонија, ако не за Европска Македонија, за што да застанеме заедно“, рече меѓу другото Премиерот Заев.

Синоќа, пред беровчани, премиерот Заев изрази верување дека граѓаните на Република Македонија, на 30 септември, ќе излезат масовно  и ќе бидат визионери. Односно дека ќе бидат дел од пишувачите на поновата историја на Македонија и дека ќе се разбудат горди што придонеле за подобра иднина на своите деца, на своите внуци.

„Направивме компромис заради придобивките. Заради тоа што добиваме. За да еднаш во европска Македонија ги погледнеме децата наши во очи и со гордост им кажеме: Го направивме чедо компромисот за денес да живеете вака убаво, да имате перспективи, да ни бидете овде и вас деца и внуци да чекаме“, заклучи премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, синоќа во Берово.

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …