Премиерот Заев пред Сојузот на борците: Македонската државност се издигна низ вителот на војната, водена од начелата за правда, солидарност и еднаквост

Премиерот Заев пред Сојузот на борците: Македонската државност се издигна низ вителот на војната, водена од начелата за правда, солидарност и еднаквост

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев се обрати на пригодниот настан по повод 73 години од основањето на Сојузот на борците, како дел од серијата свечености со кои годинава го одбележуваме големиот јубилеј – 80 години од Народното востание.

Премиерот Заев пред присутните, меѓу кои и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, претседателот на Главниот одбор на сојузот Никола Стојаноски и потпретседателот Борко Зафировски, бројни членови и поддржувачи во Домот на Армијата изрази длабока благодарност за подвигот на борците и непроценливото дело кое ни го оставија, а тоа е македонската државност, како вековен стремеж за многу генерации.

„Благодарение на храбрите борци на НОБ водени од начелата за правда, солидарност и еднаквост, денес сите ние Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други, имаме патриотска должност да се обединиме во создавањето на едно праведно општество. Едно и еднакво општество за сите во кое ќе владеат принципите на правда, одговорност и еднаквост“, истакна премиерот Заев и додаде дека во темелот на македонската државност се вградени заложбите, напорите и саможртвата на огромен број генерации на борци, кои не се штедеа себеси, ниту својата младост и своите животи.

Премиерот Заев нагласи дека овие борци без разлика на пол, вера, убедување и народност, но водени од желба за подобар живот одважно и недвосмислено застанаа на вистинската страна на историјата во тие бурни и преломни времиња. А благодарение на овој подвиг денес ја имаме Република Северна Македонија, меѓународно призната држава со сите постулати на државност, членка на Обединетите нации со кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет.

„Македонската државност се издигна низ вителот на војната, водена од начелата за правда, солидарност и еднаквост, а одбележувањето на вакви настани е најсилниот потсетник за вредностите кои не смееме никако да ги заборавиме. Но, и за патот по кој треба да продолжиме. Тоа е европскиот пат, патот кон демократските вредности. Патоказ, кој уште во самиот почеток недвосмислено ни го посочија храбрите борки и борци“, нагласи претседателот на Владата Зоран Заев.

Тој посочи дека секоја генерација е должна да го понесе својот дел од товарот во борбата за праведно општество и дека борбата на сегашните генерации е да обезбеди развиена, безбедна и силно меѓународно интегрирана држава, во која младите ќе имаат просперитетна иднина.

„Горди сме на нашето учество во големата светска антифашистичка коалиција. Денес Северна Македонија е дел од моќното НАТО семејство, споделувајќи ги демократските вредности. Нашата држава стана фактор за стабилност во регионот и извозник на безбедност. Оваа генерација направи непоколеблив избор и силно ја потврди определбата за напредок и благосостојба во европското семејство, во Европската Унија меѓу напредните нации. Водени од светлиот пример кои ни го оставивте, борките и борците, ја продолжуваме грижа, заштита и унапредување за нашиот мајчин јазик и нашиот македонски идентитет“, нагласи премиерот Заев.

Тој посочи дека Владата останува и понатаму посветената на поддршката на Сојузот на борците во негувањето на традициите и на светлите датуми од Народноослободителната борба за зачувување и чествување на остварувањата од кои се роди македонската државност. Со 5 милиони денари расчистени се долгови, возобновена е канцеларијата и се работи на оние долгови коишто уште останаа.

Претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борците Никола Стојаноски како преживеан учесник од Втората светска војна водена заедно со сојузниците, истакна дека е горд на заветот што го оставија тие генерации, преку херојската четиригодишна борба, со огромни жртви и самопрегор.

Пред присутните во Домот на Армијата тој искажа благодарноста кон премиерот Заев за личната грижа и поддршката во насока зачувување на овие вредности и активното запознавање со нив на новите генерации , продолжувањето на слободарските традиции и напредокот на државата.

Потпретседателот на главниот одбор Борко Зафировски во оваа пригодна прилика посочи дека членовите учесници во НОБ, но и сите поддржувачи и добронамерно граѓани нема да ги заборават лошите и понижувачки години кога преку навреди, шиканирања и хајки се преправаше и бришеше нашето историско минато, а со тоа се негираа темелните вредности на нашата држава.

Зафировски цитирајќи го големиот писател, хуманист и нобеловец Умбето Еко истакна дека секогаш треба да бидеме будни кон фашистичките појави и да умееме да ги препознаеме, како и да продолжи борбата против нив.

На премиерот Заев во оваа прилика му беше доделена Благодарница за особен придонес во афирмацијата на Сојузот на борците и придонесот во заедничкиот пат кон современа и просперитетна држава.

Прочитајте повеќе

време облачно студено

Температурните разлики се шок за луѓето, летоска можно е да има грмотевични бури

Атмосферските модели и проценки упатуваат на потопло лето. Во јули и во август може да …