Премиерот Заев претседаваше со 15-тиот Состанок на Советот за стабилизација и асоцијација

Премиерот Заев претседаваше со 15-тиот Состанок на Советот за стабилизација и асоцијација

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска во Брисел претседаваше со 15-тиот состанок на Советот за Стабилизација и Асоцијација. Советот за СА во моментов претставува највисоко тело за одржување на формалните односи меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија.

Заблагодарувајќи им се на Европската Унија, на потпретседателката на Европската Комисија и висока претставничка за надворешна политика и безбедносни прашања,  Федерика Могерини и на евро-комесарот за соседска политика и проширување, Јоханес  Хан за организирање на Советот, премиерот Заев при отворањето на Состанокот рече дека ова е период во којшто стануваат видливи резултатите од политичкиот ангажман на Владата на Република Северна Македонија во затворањето на едно од најголемите билатерални прашања. Со решавањето на 27-годишниот спор, како што истакна премиерот Заев, заедно со Република Грција, покажавме дека убавите вести во Европа може да дојдат и од нашиот регион, од Балканот и да дадеме надеж дека, доколку постои волја, може да се најде решение.

Понатаму, во своето воведно обраќање пред претставниците на Европските институции, премиерот Заев истакна дека во изминатата година Република Северна Македонија успеа да направи видлив напредок во исполнување на стратешките цели, односно членство во НАТО и во ЕУ.

„Иако сериозен дел од политичката енергија беше посветен на решавање на отворените прашања, ве уверувам дека реформските процеси во земјата беа спроведувани во континуитет. Притоа, вложуваме напори да одржиме дијалог со сите чинители во општеството, вклучувајќи ја и опозицијата, се со цел да го унапредиме политичкиот дијалог и низ инклузивен процес да обезбедиме поддршка за сите клучни реформски закони“, рече премиерот Заев.

Но за да ги постигнеме највисоките европски стандарди за едно демократско општество, како што додаде премиерот Заев, потребни се понатамошни реформи.

„Затоа за нас од голема важност е да ги започнеме пристапните преговори, на кои гледаме како најуспешната реформска алатка. Низ јасно структурираниот пристапен процес, ќе може прецизно да се следи како нашиот напредок, така и нашите недостатоци. Подготвени сме да зачекориме во новото поглавје во нашата историја! Започнувањето на преговорите со Европската Унија ќе биде најголема мотивација, задоволство и стимул за целата држава, особено за сите млади луѓе да ги почувствуваат придобивките од отворените перспективи, со што ќе се унапреди и веќе големата поддршка на пошироката јавност кон пристапувањето на државата во Европската Унија“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.

На состанокот учествуваа и заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, како и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Министерот Димитров даде осврт на постигнувањата кои Владата на Република Северна Македонија ги оствари во контекст на надворешната политика, односите со соседите, реализирање на главните стратешки цели, како и на имплементацијата на Договорот од Преспа:

„Горди сме на постигнатото и перспективите кои ги отворивме за Северна Македонија. Свесни сме дека пред нас претстои уште многу работа, но досегашниот успех ни дава оптимизам дека ќе успееме во исполнување на нашите стратешки определби. Северна Македонија денес е земја од регионот, а можеби и пошироко која нема отворени прашања со соседите, а границите и се дефинирани и неспорни. Се надеваме нашиот пример ќе послужи и ќе придонесе за унапредување на стабилноста во целиот регион. Поддршката во ЕУ и земјите членки во овој процес ни беше од огромна важност. Продолжуваме да бидеме активен и конструктивен актер на регионален план, давајќи суштински придонес за натамошно продлабочување на добрососедските односи, регионалната соработка и јакнење на регионалната безбедност“, рече министерот Димитров.

На состанокот вицепремиерот Османи реферираше за динамиката и напредокот во имплементацијата на реформите од Планот 18, како обврски коишто произлегуваат од заклучоците на минатогодишните јунски самити на ЕУ.

„Две години откако започнавме со интензивниот реформски процес не само што ја вративме земјата на евроинтегративниот пат, туку создадовме нова реалност на Балканот која излегува од границите на нашата земја. Република Северна Македонија покрај тоа што веќе нема отворени прашања со соседите, континуирано остварува и внатрешна стабилност, унапредувајќи ги индивидуалните права но и колективните права на заедниците како основа за стабилни меѓуетнички односи. Овој политички напредок во ниту еден момент не го загрози реформскиот моментум, чија динамика јасно е изразена со имплементацијата на реформските планови 3-6-9 и Планот 18″, истакна Османи, посочувајќи на континуитет на реформскиот процес преку конкретен напредок во клучните реформски области-правосудството, безбедносните и разузнавачките служби,  реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

„Ние испорачавме и продолжуваме да испорачуваме, а соодветно на напредокот, очекуваме испорака и од страна на Европската Унија“, порача Османи.

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска на состанокот потенцираше дека од почетокот на февруари, кога беше потпишан Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија, за многу кратко време истиот го ратификуваа осум земји членки.

„Преку учество во заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ дадовме свој придонес во мисиите, донесовме одлука за упатување на штабни офицери согласно потребите на мисијата на ЕУ, како придонес кон напорите на Унијата за изградбата на демократските институции на оваа земја со што нашата земја, Република Северна Македонија покажува дека е вистински партнер на којшто може да се потпре Европската Унија“, истакна министерката Шекеринска на Состанокот на СА.

Ко-претседавач на 15-тиот Состанок на Советот за Стабилизација и Асоцијација беше потпретседателката на Европската Комисија и висока претставничка на Европската Унија, Федерика Могерини, а со свое видување учествуваше и евро-комесарот Јоханес Хан.

По пленарната сесија на 15-тиот состанок, премиерот Заев, високата претставничка на ЕУ Могерини и еврокомесарот Хан на заедничка прес-конференција со медиумите ги споделија заклучоците од состанокот.

На прес-конференцијата премиерот Зоран Заев уште еднаш рече дека Советот за СА особено го поздрави напредокот на планот на унапредување на односите со сите соседи, со особен акцент на Договорот од Преспа со Република Грција.

„Заедно со Договорот со Република Бугарија, поставен е силен пример за другите земји од регионот, и пошироко, како да се зајакнат добрососедските односи. Подвлечена беше, важноста за континуирано спроведување на овие договори. Тоа е наша одговорност на која сме целосно посветени во овој период. Спогодбата за стабилизација и асоцијација останува да биде во фокусот на односите меѓу Македонија Република Северна Македонија и Европската Унија сѐ до пристапувањето на земјата во ЕУ“, истакна премиерот Заев и додаде дека отворањето на пристапните преговори останува примарна цел на Република Северна Македонија.

„Изразуваме задоволство од интересот на Европската Унија да го задржи фокусот на Регионот и неговата европска перспектива, и апелираме да се земат предвид околностите и важноста соодветно да се продолжи со вреднување на постигнатото“, заклучи премиерот Заев на прес-конференцијата.

Прочитајте повеќе

Студенти

Студентите што земаат стипендии може да ги продолжат до крајот на октомври

Аплицирањето се врши онлајн, на порталот „е-услуги“ на МОН. Рокот за продолжување на стипендиите, односно …