Премиерот Заев со Владина делегација во околината на селото Будинарци на увид во ситуацијата со пожарите

Премиерот Заев со Владина делегација во околината на селото Будинарци на увид во ситуацијата со пожарите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев утрово го посети просторот околу селото Будинарци во Општината Берово кој е зафатен од голем пожар и заедно со министрите за одбрана, транспорт и врски, труд и социјална политика и здравство, Радмила Шекеринска, Благој Бочварски, Јагода Шахпаска и Венко Филипче, придружувани од директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов и градоначалниците на Берово и Пехчево, Звонко Пекевски и Драган Тренчовски извршија увид на теренот опфатен со пожар.

„Овде сме над селото Будинарци, во планината каде гори пожар на неколку локации и сакам да апелирам до сите граѓани за максимална внимателност и да се почитува забраната за шетање во шумите, која е на важност и за нејзино прекршување следува казна“, рече премиерот Заев притоа изразувајќи голема благодарност до локалното население, кое како што рече со своето несебично вложување и пожртвуваност е навистина чувар на својот дом, на својот народ и своето село, градовите и планините во државата.

Премиерот Заев и присутните упатија голема благодарност до противпожарните единици од самите општини, до Армијата, до Полицијата, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и останатите служби кои управуваат со системите за совладување на природните катастрофи.

Премиерот Заев истакна дека Беровско Будинарци е уште едно од македонските населени места кои се исправија пред огнот и заедно со пожарникарите, со своите мештани и со солидарната помош се борат за безбедност и за спас на околината.

Тој додаде дека низ целата територија на нашата држава има пожари и дел од нив се навистина загрозувачки, како што е овој меѓу Берово и Пехчево, останатите се локализираат и се под контрола и изрази надеж за намалување на ветерот како еден од најголемите причини за проширувањето.

„Во овие денови на регионална солидарност, уште еднаш упатуваме огромна благодарност за помошта која е веќе на терен, а пристигна од Србија, од Словенија, Бугарија и од Австрија, како и за двата авиони кои пристигнуваат од Романија, како дел од НАТО механизмот. Ситуацијата ја следиме постојано и будно, во постојана ангажираност и координација се сите капацитети на државата и заедно со граѓаните и со пријателската помош заедно ќе се справиме со оваа опасност“, изјави премиерот Заев, кој додаде дека тие што претрпеа материјални штети може да сметаат на Владата, врз основа на проценките кои ќе ги направат општинските комисии кои веќе работат на терен.

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов информираше за ситуацијата со активни пожари во земјата, посебно нагласувајќи дека причина за пожарите се од две категории: човечки, кои може да бидат од невнимание, но и со намера, како и останати други причини.

Градоначалниците на Берово и Пехчево, Звонко Пекевски и Драган Тренчовски истакнаа дека повеќе од 50км во радиус горат шумите во овој регион, но истакнаа дека со покажаната солидарност и пожртвуваност ќе успеат во локализирање на пожарот и намалување на штетите од негово проширување.

Прочитајте повеќе

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Откако Александар Николоски го обвини Венко Филипче дека ја злоупотребува професијата лекар, Филипче му порача …