Премиерот Заев: Владата е партнер на деловната заедница, новите инвестиции и вработувања се потврда за добрите економски политики

Премиерот Заев: Владата е партнер на деловната заедница, новите инвестиции и вработувања се потврда за добрите економски политики

Премиерот Зоран Заев присуствуваше на отворањето на новиот деловен простор за вработените на Пивара Скопје, како дел од новиот инвестициски циклус, со кој компанијата во наредните две години ќе ги удвои досегашните вложувања во својот одржлив развој.

На настанот беше истакнато дека новите канцеларии се рефлексија на богатото наследство и традиција на Пивара Скопје, а се изградени и опремени по најсовремени стандарди и технолошки трендови. Посебно внимание е посветено на заштитата на безбедноста и здравјето на сите што ќе престојуваат во нив, имајќи ги предвид новите услови на работа предизвикани од КОВИД-19 пандемијата.

Премиерот Заев во своето обраќање истакна дека новите инвестиции се потврда дека и покрај предизвиците започнат е процесот на економски раст, како за компаниите, така и за граѓаните и за нашата земја.

„Одлуката на Пивара Скопје за нови инвестиции е најдобар показател дека во земјата е направено многу за да се обезбеди поволна деловна клима која ги охрабрува инвеститорите и компаниите да вложуваат во својот развој, во креирање на уште подобри услови за своите вработени, во зголемување на нивната благосостојба и во креирање услови за нови вработувања за младите, за да можат тие да ја градат својата иднина овде во нивната татковина“, рече Заев, честитајќи ѝ на Пивара Скопје за сите досегашни и нови инвестиции.

„Мојата порака до Пивара Скопје и до останатите компании е дека и понатаму можат да сметаат на поддршката и партнерството со Владата при реализацијата на нивните инвестициски планови и да не се двоумат да го вложат својот капитал тука во Северна Македонија“, додаде премиерот Заев.

Генералниот директор на Пивара Скопје, Горан Сладиќ, рече дека вработените се клучни за успехот на Пивара Скопје.

„Токму затоа нашата визија е да инвестираме во проекти кои ќе ја поттикнат креативноста, забавата и заедништвото на нашите вработени. Веруваме дека ова е една од највредните инвестиции во натамошниот одржлив развој на компанијата. Нешто на кое сме особено горди е што овие современи деловни простории ќе бидат отворени и за заедницата, особено за младите. Покрај веќе добро препознатливите програми како „Youth Empowered“ и „Coke Summership“, планираме да иницираме и нови проекти кои ќе бидат насочени кон натамошно зголемување на креативниот и иновациски потенцијал што постои во земјата“, потенцираше Сладиќ.

На првиот ден во новите канцеларии добредојде на вработените во Пивара Скопје им посакаа и амбасадорите на САД, Грција и Хрватска, како и заменик амбасадорот на Холандија.

Во пресрет на 100 годишниот јубилеј, посебен фокус во развојот на Пивара Скопје во следниот период ќе биде ставена и на одржливоста, преку вложувањата во заштита на природните ресурси и имплементација на ефективни програми за управување со отпадот.

Прочитајте повеќе

полиција полицајци

Двајца полицајци се сомничат дека примиле поткуп за да не констатираат сообраќаен прекршок

Тие се сомничат дека на 04.07.2024 околу 23.00 часот на ул.„Даме Груев“ во Скопје, при …