Премиерот Заев за „Фокус“: Ние градиме пријателства и соработка, немаме територијални претензии кон ниту еден сосед, очекуваме ЕУ да го испорача заслуженото

„Немаме дилеми да ги испорачаме гаранциите. Ние сме мирољубив народ и од нас може да се очекува само градење пријателство и соработка“, вели премиерот Заев одговарајќи на прашањето на „Фокус“, по повод изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека Бугарија сака јасни гаранции за нејзината национална безбедност и нејзините национални интереси.

Притоа претседателот на Владата, Заев додава дека „ако се мисли на краткото и долгото име, Северна Македонија е исто што и Република Северна Македонија и точно се однесува на државата без никакви територијални претензии ниту кон Бугарија ниту кон другите соседи“.

„Дефинитивно, мислам дека претседателот Радев, кој е европски лидер, може да направи позитивен исчекор, со што ќе даде шанса на нашето пријателство да се развива и да биде поголемо наместо да остави трага меѓу двата народа“, оцени Заев изразувајќи задоволство од поднесените креативни форми на предлози кои министерот за надворешни на Португалија Аугусто Силва и еврокомесарот Вархеји неодамна ги соопштија по посетата на Софија и Скопје и изразувајќи надеж дека на крајот на денот Европската Унија ќе го испорача она што го очекуваме.

Посочувајќи дека со цел да успее процесот е договорено да не се соопштуваат детали, Заев додава дека нашиот народ треба да биде информиран дека ова е добра основа и дека очекувањата се во рамките на предлогот, кој ќе биде разгледуван од Владата и во консултации со Претседателот на државата и сите соодветни инстанци ќе бидат изградени позициите на нашата држава.

„Важно е дека ќе го добиеме она што очекуваме како минимум, а тоа е, да се води грижа за чист македонски јазик и за македонскиот идентитет“, изјави Заев за „Фокус“, повторувајќи дека европските лидери и членки на ЕУ потврдија дека аргументите се на наша страна и со оглед на условите во Бугарија која има техничка Влада, се очекува во наредниот период, по седницата Министерскиот совет – ГАК, да почнеме со Првата меѓувладина конференција.

За предлогот на опозицијата да се напушти договорот и да се направи нов, со повеќе меѓународни гаранции, премиерот Заев вели дека е многу несериозно да се откаже договор, кој веќе почна да се реализира и за кого има уште многу да се направи, притоа повторувајќи дека идентитетот и јазикот се познати црвени линии, за кои ниту Владата ниту Унијата можат да разговараат и да ги менуваат.

„Целосно ја носам одговорноста за моите постапки и политики, како што ги носам и ловориките во делот на успесите. Денеска државата е почитувана повеќе од било кога“, вели Заев посочувајќи го изнајденото решение за проблемот со името со соседна Грција, која сега не е само пријател туку и важен стратешки партнер и еден од најголемите поддржувачи и инвеститори.

Прочитајте повеќе

Георгиева од ЗЛС

Георгиева од ЗЛС: Во мандатот на Филипче освен плата, приватните специјализанти добија и платени дежурства (ВИДЕО)

Пред 2018 година не постоеше никаков надоместок за приватните специјализанти, значи таа категорија на лекари …