Преносен инструмент за мерење на аерозагадувањето презентиран пред градоначалниците

Преносен инструмент за мерење параметри на аерозагадувањето „Блуклауд“ (Bluecloud), денеска, беше презентиран пред градоначалници и претставници на институции и компании. Карактеристиките на уредот и софтверските решенија беа презентирани во Центарот за трансфер на технологии и иновации на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Според професорот Јосиф Ќосеф од ФЕИТ, оваа иновација и соработка на повеќе нивоа ќе придонесе до побрзо и поквалитетно и подинамично детектирање и укажување на изворите на аерозагадување.

 Оваа алатка ќе утврди што се случува на теренот и ќе знаеме кој го загадува воздухот. Уредот нема да понуди решение, но ќе детектира кој и што загадува. Станува збор за преносен уред што може да се носи на конректни микролокации. Преку него може да се гледаат бројчани вредности и графички приказ на параметри. Основно е дека сè што се мери, веднаш го проследува во „облак“ и веднаш го прави достапно за сите релевантни чинители. Намерата е податоците да бидат во функција на јавноста, односно во функција и во интерес на граѓаните, но и на бизнисот кој може да следи дали и колку загадува во дадена средина“, рече Ќосев во својата презентација.

Според него, оваа иновација ќе овозможи проширување на микролокации кои не се покриени со стационарни мерни станици, а постои можност да се прибираат и прелиминарни податоци преку наведувани летала – дронови.

Половина година интензивно тече проектот за креирање на овој Систем составен од  преносни уреди и платформа во „облак“ наменети за следење на загадувањето. Системот треба на општините и на инспекторатите директно да им помогне при мерење и при откривање на главните извори на загадувањето, по што општините ќе може да преземаат соодветни дејствија и мерки.

„Ние како конзорциум сакаме да понудиме услуга да се најдат изворите на загадување и врз основа на аналитиката, да се понудат конкретни системски решенија за соочување со проблемот. Овој уред ќе има и софтверско решение со крајна цел да создадеме еко-систем за справување со овој проблем“, порача Виолета Николова, директор за бизнис развој и старап компании на „Информ“.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Партиите договорија датум за избори: на 24 април прв круг претседателски, на 8 мај парламентарни и втор круг претседателски избори

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, даде изјава по лидерската средба што се одржа на негова …