Информирајќи за одлуките на вчерашната 25-та Владина седница, портпаролите се задржаа на:
– Владата го прифати мислењето на Комисијата за заразни болести дека скијачките центри може да работат согласно соодветен протокол со пропишани превентивни мерки во услови на пандемија од КОВИД-19, имајќи предвид дека скијачките центри не располагаат со затворени гондоли на жичарите.
– Владата ги прифати и препораките на Комисијата во однос на Протоколот за безбедносни мерки КОВИД-19 за Ски Центрите во Република Северна Македонија за измени во однос на обезбедување на редарска служба пред билетарите и ски лифтовите, задолжително обезбедување на физичко растојание од 1,5 до 2 метри и пред билетарите, како пред жичарите и ски лифтовите, ограничување на работа на угостителските објекти на терените само на отворен простор и со шалтерска продажба со прибор за еднократна употреба.
– Владата го прифати заклучокот на Комисијата за заразни болести, дека овластените оператори за погребални услуги се должни да го применуваат соодветниот наменски Протокол за превенција од инфекција и контрола за безбедно управување со мртво тело во контекст на КОВИД-19, во кој не е правно нормирано дека постапувањето со тело на умрено лице кое починало од оваа заразната болест, се врши во затворен и залемен метален сандак.
– Владата на 25-тата седница го донесе Протоколот за одржување настани со медиумско присуство во услови на пандемија предизвикана од коронавирусот.
– Исто така, вчера министрите донесоа заклучок, врз основа на препораката на Главниот штаб за управување со кризи, да ги задолжи сите државни институции, органи на централната власт, јавни претпријатија основани од државата како и акционерски друштва во државна сопственост, во рамките на своите надлежности со засилен интензитет да обезбедат навремено и веродостојно информирање на граѓаните за мерките за заштита на населението од КОВИД-19, за состојбата во државата во различните ресори предизвикана од пандемијата, како и за мерките за справување со кризата предизвикана од пандемијата.
Дополнително, е задолжен Главниот штаб при Центарот за управување со кризи, во соработка со Секторот за односи со јавност во Владата, до обезбеди дневно информирање на јавноста за активностите кои произлегуваат од кризната состојба во Република Северна Македонија. Задолжено е секое министерство да ги обнови секциите за информирање за КОВИД-19 на своите веб страници и на другите канали за комуникација.
– Владата донесе Одлука за изменување на одлуката за утврдување на бројот на стипендистите и висината на стипендиите за ученици запишани во средните училишта во Република Северна Македонија за учебната 2020/2021 година, со која се зголемува бројот на стипендии за социјална поддршка на ученици од 400 на 544, бројот на стипендии за ученици со попреченост од 100 на 106 и стипендии за електро-техничка струка, односно сектор електро-техника, од 9 на 23.
– На предлог на претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев, Владата донесе одлука со еднократна парична награда во висина од 30.000 денари да бидат наградени седум пиротехничари од Дирекцијата за заштита и спасување заради нивниот посебен ангажман во пронаоѓањето, отстранувањето и уништувањето на преку 7.000 парчиња, или 52 тона гранати кои беа пронајдени во Битола, во близина на Градскиот стадион.
– Владата ја усвои Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2020 година, која оваа година е во висина од 30 милиони денари определени за поддршка на печатењето и дистрибуцијата на печатените медиуми во знак на поддршка на плурализмот во сферата на медиумите и навременото информирање на јавноста.
– Владата на редовната 25-та седница го именуваше поранешниот премиер Владо Бучковски за специјален претставник на нашата земја за Бугарија. Именувањето е на една година со цел да се заокружи со успех Процесот на решавање на отворените прашања со Бугарија и да се создаде атмосфера за реализација на прашањата од интерес на двете земји опфатени со Договорот за пријателство и добрососедство.