Преспа: Од езеро под еколошки притисок до кандидат за УНЕСКО

Преспа: Од езеро под еколошки притисок до кандидат за УНЕСКО

Преспанското Езеро, кое со години се соочува со еколошки предизвици и намалување на нивото на водата, би можело да стане ново светско наследство на УНЕСКО. Грција, Албанија и Северна Македонија ја обновуваат заедничката иницијатива за негова номинација да добие меѓународно признание за своите природни и културни вредности,  

Станува збор за предлог за впишување на Преспанското Езеро на Листата на светско наследство на УНЕСКО, иницијатива која првпат беше покрената од Грција во 2014 година, а сега повторно добива политичка и институционална поддршка од трите земји кои го делат езерото.

Потфатот има поддршка од Европската Унија, која се согласи да ги финансира почетните студии за предложената номинација.

Министрите за култура на трите земји, Лина Мендони од Грција, Бленди Гонџа од Албанија и Седат Сулејмани од Северна Македонија, треба да ги усогласат следните чекори.

Три држави ја туркаат кандидатурата

Неодамна албанската страна соопшти дека го поздравува предлогот на грчкото Министерство за култура и е подготвена заедно со С. Македонија да работи на кандидатурата. Според Гонџа, евентуалниот статус на светско наследство не би значел само меѓународно признание за Преспа, туку и поголема можност за заштита на културното и природното наследство,развој на одржлив туризам и подобрување на економските перспективи за локалното население.

Регионот на Големото и Малото Преспанско Езеро има исклучително значење во рамките на УНЕСКО преку два клучни статуси: постоечкиот заштитен биосферен резерват и најновата трилатерална иницијатива за впишување на Листата на светско природно и културно наследство.

Во јуни 2014 година, со програмата на УНЕСКО „Човекот и биосферата“ официјално е признат прекуграничниот биосферен резерват Охрид-Преспа, кој е заеднички менаџиран од С. Македонија и Албанија.

Овој резерват опфаќа огромна површина од над 446.000 хектари и ги поврзува двата езерски системи. Тој е дом на над 200 ендемични видови (како преспанскиот крап и белвицата), кафеавата мечка, волкот и балканскиот рис и над 260 видови птици. Регионот е познат и по најголемата колонија за размножување на реткиот кадрав пеликан во светот.

Предлогот е стар повеќе од една деценија

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Михалис Рокас за „Катимерини“ изјави дека поддршката од ЕУ не е само политичка, туку опфаќа и финансирање на почетните студии. Тој го истакнува и поширокото геополитичко значење на соработката меѓу трите соседни земји во заштитата и промоцијата на заедничкото природно и културно наследство.

Градоначалникот на Преспа, Јоргос Стергиу, исто така ја поздрави иницијативата и изјави дека општината е „подготвена да го поддржи овој потфат“.

Грчкиот предлог датира од јануари 2014 година, кога Преспа беше додадена на привремената листа на УНЕСКО како потенцијално подрачје со мешано природно и културно наследство.

Во предлогот се истакнати биодиверзитетот и влажните живеалишта во областа, како и византиските и поствизантиските споменици, вклучително и испосничките ќелии изградени во стрмните брегови на езерото.

„Трите држави веќе се договорија за соработка во заштитата на екосистемот на Преспа на трилатералните средби на премиерите во 2000 и 2009 година. Соработката го опфати и формирањето на прекуграничниот парк ’Преспа’, но заедничките иницијативи и предлогот за УНЕСКО подоцна го изгубија замавот поради политичките тензии во регионот“, пишува грчкиот весник „Катимерини“.

Преспанско Езеро
Преспанското Езеро се соочува со сериозни еколошки предизвициФотографија: Florian Schmitz/DW

Преспанското Езеро под еколошки притисок

Влажното подрачје на Преспа веќе е заштитено преку меѓународни и европски механизми, меѓу кои Рамсарската конвенција и мрежата „Натура 2000“.

Во исто време, Преспанското Езеро се соочува со сериозни еколошки предизвици. Иако обилните врнежи привремено го зголемија нивото на водата за околу метар и половина,долгорочните проблеми остануваат.

Од 1950-тите години до денес, езерото изгубило речиси 10 метри од нивото на водата, околу 7 проценти од површината и повеќе од 54 проценти од вкупниот волумен. Како причини се наведуваат климатските промени, прекумерното користење на подземните води за земјоделски потреби и природниот одлив преку карстните канали на Галичица, кои ги хранат изворите на Охридското Езеро.

Намалениот волумен на вода го забрзува процесот на еутрофикација, односно постепено претворање на делови од езерото во барски површини. Повлекувањето на водата остава суви брегови кои брзо се обраснуваат со трева и трска, додека таложењето органска материја дополнително го оптоварува екосистемот.

Дополнителен предизвик претставуваат загадувањето со пестициди и вештачки ѓубрива од земјоделството, како и непречистените отпадни води од околните населени места. Како резултат на овие притисоци, се бележи намалување на разновидноста и бројноста на организмите на дното на езерото, а природните станишта на ендемичните видови риби и птици, меѓу кои и пеликаните, се изложени на зголемен ризик.

Иницијативата доаѓа во период кога Охридскиот Регион се соочува со ризик од губење на својот заштитен статус во УНЕСКО. Охридскиот Регион е заштитен како мешано светско наследство од 1979 година за природните вредности и од 1980 година за културното наследство.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Пензиските реформи отворија дилема: ќе работиме ли подолго?

Пензиските реформи отворија дилема: ќе работиме ли подолго?

Пензискиот систем повторно ја отвори дебатата за неговата долгорочна одржливост откако Фискалниот советпредупреди на растечкиот …