Делата на Преспанските уметници кои твореа инспирирани од убавините на Преспа, за прв пат ќе бидат претставени во друг град. Од 3-13 декември, во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, ќе биде поставена изложбата „Преспански ликовни мотиви“, со 30-тина слики од роднокрајните Преспански автори, кои создаваа на 12 и 13 септември во Претор.

„Нови видувања произлезени од четките на уметниците, кои пред себе како инспирација ја имаа распосланата Преспанска убавина, се најдоа на нивните платна. Ентузијазмот и љубовта кон ликовната уметност, беа ѕвездите водилки на учесниците на годинешната ликовна колонија, која веќе седма година ја организира Домот на културата „Драги Тозија“. Уметниците кои работеа под отворено небо, два дена во Претор твореа во различни техники и остварија една нова димензија на заедништво со останатите творци. Затоа за нас е огромен успех што за прв пат дела на наши роднокрајни уметници ќе бидат претставени во друг град“, рече директорот на Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен, Васко Василевски.

По изложбата, која во Ресен беше отворена на 26 септември во рамките на одбележувањето на деновите на Преспанскиот јаболкобер, ова ќе биде второ претставување на ликовните уметници од Преспа, овој пат во Кавадарци.