Пресврт во преговорите за ТикТок: постигнат договор со „Оракл“

Пресврт во преговорите за ТикТок: постигнат договор со „Оракл“

Случувањата околу купопрадажбата на ТикТок во Соединетите Американски Држави доведоа до нов пресврт. Компанијата „Мајкрософт“, која важеше за најверојатен наследник на операциите на ТикТок во САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд, објави дека матичната компанија на видео-платформата, „БајтДенс“, ја одбила нивната понуда за купопродажба, пишува МЕТА.

„Бајт Денс денес ни стави до знаење дека американските операции на ТикТок нема да ги продаде на Мајкрософт. Ние сме уверени дека нашата понуда ќе беше добра за корисниците на ТикТок, истовремено заштитувајќи ги националните безбедносни интереси. За да го постигнеме ова, ќе направевме значителни промени со што ќе обезбедевме сервисот да ги исполни највисоките стандарди за безбедност, приватност, онлајн безбедност и борба против дезинформации и овие принципи ги посочивме во нашата објава во август. Со нетрпение очекуваме да видиме како ќе се развива сервисот во овие важни области“, стои во објавата на Мајкрософт.

Само еден час по оваа објава за пропаднатите преговори со „БајтДенс“, пристигна веста дека паднал договор за ТикТок со компанијата „Оракл“, која исто така беше во преговори. Дека е постигнат договор со оваа компанија, подоцна потврди и американскиот секретар за финансии, кој додаде дека договорот ќе биде претставен пред претседателот Трамп подоцна неделава.

Но, според договореното, компанијата „Оракл“ е избрана за „доверлив технолошки партнер“ на ТикТок, што се разликува од целосна купопродажба на апликацијата. Тоа би значело дека оваа компанија нема директно да раководи со ТикТок во САД, туку само ќе помогне во извршувањето на операциите на ТикТок во рамки на нивни сопствени cloud – технологии. Критичарите на договорот велат дека со вака поставениот статус, „Оракл“ само го презема хостингот, но не и изворниот код на апликацијата, што би значело дека „БајтДенс“ сепак ќе може да има пристап до податоците и доколку сака, ќе може да пушти малициозен софтвер помеѓу кориснисците.  Сè уште не е сосема јасно што точно се подразбира под  „доверлив технолошки партнер“, но едно е сигурно – не станува збор за класична купопродажба и според експертите, малку е веројатно дека „Оракл“ ќе преземе било какви значајни операции од канцелариите на ТикТок.

За споредба, понудениот договор од „Мајкрософт“ значеше отсекување на американската верзија на ТикТок од верзијата на апликацијата во Европа и Азија.

Трката за купување на ТикТок започна на 6 август годинава, кога американскиот претседател Доналд Трамп издаде извршна наредба со која беа блокирани сите трансакции помеѓу ТикТок и „БајтДенс“. Оваа наредба наложуваше операциите на ТикТок во САД да бидат купени од американска компанија или во спротивно апликацијата ќе биде забранета за користење.  Според првичните насоки, краен рок за купопродажбата беше денес, 15 септември, но по предлог на компаниите кои влегоа во трката, рокот беше продолжен до 12 ноември.

ТикТок ја тужеше администрацијата на Доналд Трамп поради оваа наредба.

Прочитајте повеќе

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Компилациската плоча содржи песни од млади современи македонски поп артисти и беше еден од последните …