Јавното обвинителство на Северна Македонија ја шири истрагата за случајот со набавки на адитиви за јаглен за потребите на РЕК Битола. Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција наведуваат дека во рамки на предметот „Адитив“ од прибраните докази донесена е наредба за спроведување на истрага за уште три лица.
Притоа во Кривичниот суд е спроведена на распит претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Татјана Димитровска. Во рамки на истрагата за случајот „Адитив“, за неа ќе се бараат мерки за претпазливост.
Според информациите од Кривичниот суд во Скопје, Димитровска треба да биде изведена пред судија на претходна постапка.
Димитровска од лани е на чело на Антикорупциската комисија. Таа претходно 19 години работеше во Државниот завод за ревизија (ДЗР), а била и помошник на главниот ревизор за ревизија на политичките партии, ДКСК, АВМУ, ДИК и други.
Предметот „Адитив“ се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и РЕК Осломеј. Обвинети се 31 физичко лице и 5 правни лица.
Според обвинителството, осомничените лица организирале и извршиле пререгистрација на правни субјекти за да изиграат постапките за јавна набавка, со што овозможиле одредени компании да добијат договори и да се стекнат со значителна имотна корист.
Извор: DW