Претседателот Пендаровски ги додели сертификатите на учесниците на првата Школа за политики

Претседателот Пендаровски ги додели сертификатите на учесниците на првата Школа за политики

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги додели сертификатите на учесниците на Школата за политики при Претседателскиот центар за политичко образование, за 2021 година.

Школата се реализираше преку четири едукативни семинари во периодот од март до ноември 2021 година, со учество на еминентни предавачи и обучувачи од државата и од странство. На школата партиципираа 41 учесник на возраст од 25 до 35 години. Тие беа избрани на јавен конкурс, врз основа на нивниот интерес за активно учество во општествениот живот, професионалните квалификации и стручните постигнувања.

„Составот и постигнувањата на оваа прва генерација потврдува дека Школата е на вистинскиот пат да ја оствари оваа цел. Избрани за учесници на отворен повик врз основа на личните постигнувања и заслуги и со почитување на разновидноста на нашето општество, вие покажавте, независно од личните, социјалните, политичките и другите разлики, дека македонското општество има капацитет за демократски развој и обединување околу клучните стратешки цели на државата“, рече претседателот Пендаровски при доделувањето на сертификатите.

Учесниците на Школата за политики имаа можност да ги унапредат своите знаења во областа на демократскиот развој на политичкиот систем, функционирањето на правната држава, европската интеграција, социоекономскиот развој и економските политики во ерата на политичка и економска глобализација, надворешно политичките стратегии и приоритети на нашата држава и во регионот, членството во НАТО и безбедносниот аспект, како и политичката комуникација во време на дигиталната трансформација, дезинформациските кампањи и лажните вести и потребата за поголема транспарентност и внатрешна демократизација на институциите на власта. Поради пандемијата на Ковид-19, дел од обуките во рамки на Школата беа организирани онлајн, а дел со физичко присуство или во хибриден формат.

„Ова прво издание на Школата за политики пред себе си постави амбициозна задача. Во сложени здравствени услови да формираме група на учесници кои во период од повеќе месеци заеднички ќе учат и ќе дискутираат за најважните прашања од нашето општествено живење. Оттаму би сакал од срце да им се заблагодарам на учесниците за посветеноста кон работата во рамките на Школата“, рече проф. д-р Александар Љ. Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование и советник на претседателот за надворешна политика, внатрешна политика и уставни прашања.

Школата за политики при Претседателскиот центар за политичко образование се реализираше во соработка со Фондацијата „Фридрих Еберт”, Фондацијата за демократија на Вестминстер, Фондацијата „Конрад Аденауер”, Националниот демократски институт за меѓународни работи, Меѓународниот републикански институт и фондацијата  „Македонија 2025“.

Прочитајте повеќе

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Поентата што сака да ја постигне противничката партија е дека Пендаровски, всушност, не е човек …