Претседателот Стево Пендаровски денеска на армискиот полигон „Криволак“ се обрати пред учесниците на воената вежба „Решителен удар 21“, што се одржува од 17 мај до 2 јуни 2021 година, со учество на припадници од армиите на Република Северна Македонија, Соединетите Американски Држави, Република Бугарија и Република Грција, како и припадници од составот на Балканските медицински наменски сили.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.
Почитувани учесници во воената вежба „Решителен удар 21“
Почитувани високи гости,
Ценети екселенции,
Подготвеноста на една армија зависи, пред се, од подготвеноста на нејзините војници и старешини. Подготвеноста на НАТО Алијансата, пак, во целина, зависи од подготвеноста на армиите на нејзините земји-членки. А, степенот на подготвеност не се проверува во кабинетите и канцелариите, туку на терен, на воена вежба.
Денеска успешно ја заокруживме вежбата „Решителен удар 21“ која е прва наша вежба од ваков профил и карактер откако станавме членка на НАТО Алијансата. Оваа вежба е дел од „Defender Europe 21“, најголемата НАТО вежба во Европа годинава, предводена од Армијата на Соединетите Американски Држави. Ние во неа учествуваме во двојно својство, и како домаќин на армискиот полигон Криволак и преку припадниците на нашата армија. Таквиот тип на наше учество е резултат на високата доверба што сојузниците ја имаат кон нас, кон нашата армија и кон нејзините воени инсталации.
Кога пред месец и половина бев во обиколка на овој терен, ми беа презентирани плановите и активностите за трансформација на армискиот полигон „Криволак“ во модерен полигон од меѓународен калибар. Денес сакам да им се заблагодарам на припадниците на инженерскиот баталјон на Армијата на Република Северна Македонија и на 15 инженерски баталјон на Армијата на САД кои беа вклучени во развојот и проширување на капацитетите за обука и вежбање на полигонот. Направивте одлична работа за исклучително кус временски период и за тоа ви честитам!
Првиот голем тест го положивме. Затоа како држава, ќе продолжиме со инвестирањето и развојот на полигонот Криволак, кој повеќе не е само наш воен капацитет, туку и капацитет на целата Алијанса.
Сакам да им честитам на сите учесници на оваа голема воена вежба. Во изминатите две недели имавте одлична можност да ја проверите интероперабилноста со неколку НАТО држави. Неспорно е дека покажавте капацитет и способност за планирање и организирање на големи вежби заедно со другите сојузнички армии.
Освен што е потврда, во воена смисла, на капацитетите за спроведување на интегрирани интервидовски операции, оваа вежба е многу значајна за зајакнување на трансатлантското партнерство и преку тоа, за безбедноста на Европа и на Западниот Балкан.
Со заедничкото планирање и реализација на една ваква вежба, Северна Македонија и САД го афирмираат стратешкото партнерство кое долги години опстојува меѓу нас. Освен тоа, постои и уште една, многу важна, регионална димензија. Во „Решителен удар 21“, освен припадници на Армијата на САД, учествуваат и претставници на армиите на Бугарија и Грција, со што го зајакнуваме билатералното партнерство со овие наши два соседа и во исто време ја интензивираме регионалната соработка во областа на одбраната и безбедноста.
Се разбира, стара, докажана вистина е дека колку и да сме задоволни со една успешно завршена мисија, не смееме да помислиме дека сме ја завршиле работата. Неопходно е да продолжиме и ќе продолжиме со реформи и инвестирање во одбраната, модернизирање и опремување на армијата, но и со учество, сега како полноправна членка, во структурите и мисиите предводени од НАТО. Преку вложување во регионалниот мир и глобалната стабилност, истовремено вложуваме во нашата сопствена безбедност. А тоа се највисоките национални и државни интереси, за кои сме положиле заклетва дека ќе ги штитиме.
Уште еднаш, дозволете да им честитам на сите учесници на оваа воена вежба за нивниот ангажман.