Претседателот Пендаровски присуствуваше на воената вежба „Брз одговор 22“ на Криволак

Претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски денеска присуствуваше на воената вежба „Брз одговор 22“, која се реализира од втори до дваесетти мај на армискиот полигон „Криволак“, а чиј домаќин е Република Северна Македонија.

За време на посетата на „Криволак“, претседателот Пендаровски беше брифиран за воената вежба „Брз одговор 22“ и ги проследи вежбовните дејства кои претставуваа комбинирани воздушни активности со падобрански скокови, хеликоптерски десант и авиони, во кои учествуваа вооружените сили на осум земји членки на НАТО.

Претседателот Пендаровски ги поздрави претставниците на специјалните единици и посочи дека оваа обемна вежба ја демонстрира колективната подготвеност на НАТО алијансата и претставува исклучителна можност Северна Македонија да ги покаже способностите и уникатните капацитети на полигонот „Криволак“ како современ тренинг центар за изведување на вежбовни операции според сите НАТО стандарди. „Брз одговор 22“ е потврда дека и нашата Армија поседува сериозен капацитет да придонесе кон колективната одбрана, безбедноста и сигурноста на евроатлантската област.

Вежбата има особено значење за развој на капацитетите на Армијата преку споделување на знаења, способности и вештини, како и зголемување на интероперабилноста со вооружените сили на сојузниците. Истовремено, придонесува за етаблирањето и афирмирање на „Криволак“ како меѓународен тренинг центар.

Во воената вежба на „Криволак“ учествуваат 4600 припадници од вооружените сили на осум земји членки на НАТО: Албанија, Грција, Италија, Обединетото Кралство, Северна Македонија, САД, Франција и Црна Гора. Во вежбата се вклучени 45 воздухоплови, односно борбени и транспортни авиони и хеликоптери, а за време на вежбата се изведуваат над 700 падобрански скокови.

Вежбата „Брз одговор 22“ има за цел да ја демонстрира способноста за брзо распоредување на копнените сили на САД во Европа и Африка заедно со мултинационалните воздухопловно-десантни сили од Европа.

Прочитајте повеќе

Тупанчески

Билатерални средби на Тупанчески во Шибеник во рамките на Регионалната конференција

Министерот за правда, Никола Тупанчески оствари повеќе билатерални средби во рамките на Регионалната конференција ,,Култура …