Претседателот Пендаровски се обрати на младинскиот настан за младинска соработка помеѓу нашата држава и Грција

Претседателот Пендаровски се обрати на младинскиот настан за младинска соработка помеѓу нашата држава и Грција

Претседателот Стево Пендаровски се обрати на младинскиот настан „Билатерални канцеларии за младинска соработка помеѓу Северна Македониja и Грција”, во организација на Младинскиот Сојуз од Крушево во партнерство со УНЕСКО Младинскиот Клуб од Солун и Фондацијата Фридирх Еберт – канцеларија Скопје, а со поддршка на Германското сојузно министерство за надворешни работи и Амбасадата на САД во Македонија.

На настанот беше промовирана иницијативата за отворање на Билатерални канцеларии за младинска соработка помеѓу Северна Македониja и Грција, со чие отворање ќе се зголеми обемот на соработка и ќе иницира заеднички активности кои ќе бидат одговор на потребите на младите од двете земји.

Во продолжение ви го пренесуваме интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски:

Ја имам привилегијата да ви се обратам на денешниов, по многу нешта, специфичен и значаен ден. Имено, денес со културен настан се најавува отворање на Билатерални канцеларии за младинска соработка помеѓу Северна Македониja и Република Грција што, секако, е извонреден чекор во зголемувањето на соработката помеѓу младите од двете држави. Практично, сето ова е еден вид на производ на Преспанскиот договор со кој ги тргнавме политичките пречки што ги оптоваруваа нашите односи, а, во исто време, претставува и природен, нормален тек на соработката која треба да постои меѓу две соседни држави.

Во оваа прилика сакам да истакнам дека и покрај отвореното прашање во нашите односи во минатото, граѓаните од двете држави, се разбира, особено младите, немаа проблем да комуницираат, соработуваат и реализираат заеднички проекти. Имено, организациите кои се носители на денешниот настан ‒ Младински Сојуз Крушево и УНЕСКО, младинскиот клуб од Солун веќе една деценија имаат заеднички проекти и настани. Не можам да не го посочам примерот со господинот Бабис Папајоану од УНЕСКО младинскиот клуб од Солун, кој веќе деценија и половина е поврзан професионално со нашата земја во различни улоги и е постојан поддржувач и учесник во процесите поврзани со младинските политики, младинската работа, неодамнешното лансирање на младинската карта и многу други иницијативи. Токму господинот Папајоану е и координатор на проектот од грчка страна. Сето ова зборува за постоењето на длабоки и силни врски, кои покрај професионалната посветеност, визијата и заедничките напори за напредок и успех во регионот, прераснуваат и во длабоки и искрени пријателства.

Почитувани,

За жал, сеуште постојат луѓе од двете страни на границата, меѓу нив секако и млади луѓе, кои имаат предрасуди за соседната земја и кои едноставно немале можност да се запознаат со животот и секојдневието на другата страна, да се дружат со своите врсници, да разменуваат мислења, идеи. Оттука, иницијативата за отворање на Билатерални канцеларии за младинска соработка помеѓу Северна Македониja и Република Грција е идеја за проект кој ќе го зголеми обемот на соработка и ќе иницира заеднички активности кои ќе бидат одговор на потребите на младите од двете страни. Сето ова значително ќе придонесе за зголемување на соработката и пријателството и надминување на негативната перцепција и стереотипите, кои се резултат на долгогодишното отсуство на вистински информации. Многу млади, токму преку оваа иницијатива, за првпат ќе имаат можност да се дружат со своите врсници и директно да посведочат дека споделуваат заеднички интереси, заеднички визии и проблеми.

Драги пријатели,

Сакам да ви потврдам дека моето присуство на самиот почеток на оваа иницијатива значи апсолутна поддршка за активностите на младите и особено поддршка за проекти кои придонесуваат за развојот на добрососедските односи. Учеството на претставници на дипломатскиот кор покажува колку билатералните иницијативи се значајни не само за Република Северна Македонија и Република Грција, туку и за целиот регион. Верувам дека конечно доаѓаат времиња кога ќе посветиме многу повеќе внимание, грижа и одговорност кон младите затоа што тие тоа го заслужуваат. Изгласувањето на Законот за младинско учество и младински политики во македонскиот парламент пред петнаесетина дена ми дава за право да се надевам дека 2020 година ќе донесе уште многу позитивни промени на тој план.

Дозволете на крајот да ви посакам успешен настан, а на гостите од Република Грција да им посакам пријатен престој во нашиот главен град. Се гледаме наскоро на отворањето на билатералните канцеларии за младинска соработка помеѓу нашите две држави.

Прочитајте повеќе

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Нафтените деривати од вечерва со нови цени, одлучи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги …