“Претседателска“ Битола

“Претседателска“ Битола

Пишува: Габриела Илиевска

Главната причина заради која ја пишувам оваа колумна, е потенцирањето на “надпартискиот“ статус на двајцата претенденти за претседателската функција, Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски. Бидејќи како некој кому граѓаните му дале мандат да се занимава со локални проблеми, немам намера ниту да дебатирам, ниту да навлегувам во она што се нарекува “висока политика“.

Почитувани кандидати за престижната функција, тргнувајќи од фактот дека живеам во најзагадениот, највалканиот и најзапоставениот град во Македонија, во кој Вие во текот на изборната кампања ќе дојдете да барате гласови, морам да го кажам она што ми лежи на душа.

Професорке Силјановска-Давкова, сакам да Ви кажам дека ми смета тоа што Ве напаѓаат со лични навреди, сексистички и безобразно. Тоа што сте повозрасна навистина ми импонира, но ме вреѓа Вашата изјава дека секој оној кој влегол во политиката без партија, бил “политичка манекенка“. Еве, јас сум една од тие кои не припаѓаат на ниту една политичка партија, меѓутоа далеку сум од она што Вие го дефиниравте како “политичка манекенка”. Напротив, со мојот ангажман докажав дека во општеството и во политиката може да се делува и како независен.

Исто така ми пречи и тоа што Ве нарекуваат “мајка на државата“, оти во моментот на Македонија не ѝ треба ни мајка ни татко, туку државник. Кога сме веќе кај Битола, она што треба да го знаете е дека во битолскиот огранок на партијата која Ве кандидира, имате луѓе кои со самата појава будат лоши спомени и реакции. А гледам дека дел од нив ги имаше и на Конвенцијата на која Ве промовираа. Почитувана професорке, со двојчевци и такви ко него, тешко дека Битола ќе ја “осветлите“ онака како што ветувате.

За кандидатот предложен од актуелната власт, имам само еден добронамерен совет: Професоре Пендаровски, не идете во Битола! Оставете ги битолчани сами да одлучат. Ние, почитуван професоре Пендаровски, многу сме далеку од гласање за личност, бидејќи ние сѐ уште гласаме за она што значи секојдневен живот. Кој, патем речено, во Битола го нема.

Сигурно се сеќавате на Вашата посета на Битола за време на кампањата за референдумот, кога околу Вас имаше директори на училишта и јавни претпријатија. И знаете дека резултатот кој тогаш во Битола го постигна партијата која сега Ве кандидираше, најмногу се должеше на тие што Ве опкружуваа.

Професоре Пендаровски, не идете во Битола оти цел гнев и лутина од лагите на актуелната локална власт, ќе се истурат врз Вас. Оти во Битола едно камче не е поместено. Оти секој ден умираме од загаден воздух. Оти сѐ уште ни една улица не е направена. Оти имаме власт која се расправа со секој кој од нив го бара она што му го ветиле.

Во Битола, професоре, нема ни транспарентност, ни дебата, ни ЖИВОТ, а уште помалку пак за сите. Се давиме во ѓубре заради нивната неспособност дури и него да го исчистат. Живееме во град, каде секојдневните активности на институциите се прикажуваат како врвни достигнувања. Затоа, не идете во Битола, бидејќи секое Ваше појавување во друштво на локалните функционери, ќе значи минус за Вас.

Професорке Силјановска-Давкова, професоре Пендаровски, никој нека не Ве лаже дека работите во Битола стојат различно од кажаното. Ако не ми верувате мене, земете ги со Вас актуелните битолски пратеници и прошетајте со нив низ градот. Навистина би сакала да видам каде тоа јавно ќе се појават, на чии домови ќе тропнат на врата? Освен кај оние кои на еден или друг начин, се принудени горчливо да се смеат и да аплаудираат.

И додека сите Вие ќе терате кампањи, јас и натаму ќе се занимавам со реалноста на Битола. А тоа, за жал, се контејнерите, раскопаните улици, загадениот воздух, депониите… Битола, почитувани претседателски кандидати, е светлосни години далеку од високата политика!

Прочитајте повеќе

Хрватска: ХДЗ е победник - следува постизборна математика

Хрватска: ХДЗ е победник – следува постизборна математика

Формирањето влада нема да биде едноставно: според привремените изборни резултати, ХДЗ е на прво место …