Во организација на Здружението за унапредување на здравјето ФИЛИП ЛУКАРОСКИ, синоќа во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп се одржа здравствено-едукативна трибина со наслов „Превентивата е подобра од лекот“.
Покрај претседателката на Здружението, Петра Лукароска, на трибината на која говореа докторите Љубица Илиеска, Жарко Митрески и Влатко Кузманоски, главниот акцент беше ставен на потребата од редовни превентивни здравствени, прегледи со кои можат да бидат откриени скриени проблеми.
„Одржувањето на добро здравје бара повеќе од правилна исхрана и физичка активност – редовните годишни здравствени прегледи се клучни за рано спречување и откривање на потенцијални здравствени проблеми. Иако може да се чувствувате здрави, превентивните прегледи може да откријат скриени проблеми и да овозможат навремен третман.
Без разлика на возраста или полот, овие прегледи овозможуваат рано откривање на потенцијални здравствени проблеми и обезбедуваат можност за интервенција на време.
Посетата на лекар не е резервирана само за ситуации кога се чувствувате болни. Редовните прегледи се клучни за одржување на здравјето на долг рок. Не го занемарувајте своето здравје и редовно посетувајте лекар за да го одржите оптималното здравје и да спречите болести“, беше речено на синоќешната трибина, на која беше промовирана и брошурата „Превентивата е подобра од лекот“, со цел едукација за важноста на превентивните прегледи.