Пишува: Зоран Милошески

На иницијатива на советниците од независната листа „Поинаку“, денеска Советот на општина Битола донесе заклучок да упати барање до Владата на Република Македонија, со кое на првата владина седница ќе се донесе одлука за субвенционирање на цената на струјата за граѓаните од општина Битола. Предлогот на советниците Иван Чулакоски и Габриела Илиевска, го поддржаа сите членови на битолскиот Совет.

Истовремено, за да не остане предложената мерка само парче хартија, од независната советничка група најавија дека утре, четврток 6 декември, со почеток во 16 часот, ќе биде организиран мирен протест пред зградата на Општина Битола.

„Бидејќи ова е прв пат едногласно да се изгласа нешто во интерес на битолчани и бидејќи мерката мора да се реaлизира, за да не остане само парче хартија, утре во 16 часот ги повикуваме на протест советниците кои гласаа за мерката, градоначалничката Наташа Петровска, сите битолчани, студенти, средношколци, политичари, пензионери и сите оние кои се свесни за состојбата со аерозагадувањето на Битола, да дојдат пред зградата на Општина Битола заедно да го искажеме својот револт и да ја повикаме Владата на РМ итно да го реши проблемот. Ги повикуваме сите оние кои знаат дека воздухот нема политичка ориентација и дека болестите не одбираат според партиската припадност“, се вели во повикот на „Поинаку“.

Почетокот на протестот е закажан за 16часот.