Приказната за трите врби

Приказната за трите врби

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Во една прилика се најдов во расправија за обични дрвени предмети, за кои наспроти мојата непопустливост, еден познаник инсистираше да ги земе. На крајот, после долго натегање, предметите останаа каде што припаѓаа, а човекот со кој се расправав ме повика и ми рече:„Ајде сега да разговараме – не ми беше толку до предметите, важно ми беше да видиме кој е кој?!” И видовме!

„Кој е кој”, во нашето секојдневие се манифестира на начини на кои се доловува колку некој може да те угнети или недостоинствено да се однесува кон тебе, а притоа да си даде важност себеси. И тоа не е најголемата трагедија, трагедијата е што овој начин на однесување е до толку зацврстен и прифатен, што колку и да предизвикува уништувачки и разорни последици, ние сепак не реагираме. Не сме свесни дека сето тоа ни се случува нам, на личности кои можат да го оплеменат нашиот општествен простор, нам кои сме убиени во секојдневието од хипокризија, замки, угнетувања, недостоинственост и злоупотреба. А она што треба да се вреднува, што е основна образовна и културна храна за граѓанинот, како што требаше да бидат трите врби, останува незабележано или злоупотребено.

Кои се трите врби? За трите врби во Вардар знаеме сите. „Вера, Нада и Љуба” ги запознавме како најскапите врби во светот, како промашен проектен дел од „Скопје 2014“, како срам на градот. Никогаш не разбравме дека станува збор за уметничко дело, јавна скулптура, дека тоа не е дел од „Скопје 2014“, дека авторката го раскинала договорот, дека сумата на договорот не е ни најмалку онаа за која ние знаеме, дека идејата на авторката е сосема друго нешто за кое ние дури сега почнуваме да градиме свест…

Која е Искра Димитрова? Искра Димитрова е авторка на делото, една од најзначајните современи авторки на светско ниво. Во 1999 година беше македонски претставник на Биеналето во Венеција, а во 2007 година била избрана меѓу 40 уметнички од целиот свет, со чии дела се отвори Бруклинскиот музеј во Њујорк. Нејзиното дело беше едно од четирите, за кои во тој период имало посебен осврт и во Њујорк Тајмс.

Во 2008 година, незнаејќи дека на Скопје му следи „Скопје 2014“, Димитрова учествува на конкурс за поставување на скулптури низ централното градско подрачје, објавен од Министерство за култура. Според авторката, основен концепт на делото е да се направи своевиден споменик, да се оддаде почит на зеленилото, да се стави на пиедестал вегетацијата. Врбите се избрани како автохтона вегетација на реката Вардар, присутна во детствата на генерации скопјани. Ова дело е целосно во тек со светските трендови за облагородување на простор и очовечување на средина со зеленило, кое е дополнителна еколошка вредност и хуманизација на животната околина.

Колку граѓани, освен оние кои имале личен контакт со уметничката, би можеле да дознаат за вредноста на идејата, или културно да се еманципираат со идејата која, во основа, е благородна?

Стручниот соработник на проектот, Љиљана Неделковска за изложбата „Траги” во музејот Чифте Амам, каде што приказната може да ја видите во целост, вели:„Проектот е остра критика токму за начинот на којшто во полето на културата се артикулираат и дистрибуираат одредени ставови, мислења и вредности”.

На изложбата може да се види и реакцијата на критичарите, новинарите кои се занимаваат со критичка мисла во уметноста, во период од 2012 до денес. Со чест на два-три исклучоци, сите останати бели празни листови!

Лично, бев фасцинирана од изложбата и тоа ме наведе на размислувања кои не смееме да ги премолчуваме или избегнуваме. А тоа е дека, не е само културата област во која погрешно и недостоинствено се артикулираат и дистрибуираат ставовите, вредностите и мислењата. Секоја значајна професионална област КОЈА ЖИВОТ ЗНАЧИ во Република Северна Македонија, се соочува со деградирање, несфаќање, озлогласување, непочитување.

Приказната за трите врби, е приказна на секој деец кој се занимава со хуманизација, просветителство, здравство, наука, уметност…

Ако одите во Стокхолм, ќе видите дека има споменици за ВОЗДУХ и ВОДА, на кои пишува од какво значење е грижата за нив. Ако поминете покрај Вардар, ќе ги исмевате трите врби поради цената и незнаењето за племенитоста на идејата.

Кој е кој?

Ова ни покажува дека на граѓанинот не му е општествено дозволено да се еманципира и да ја сфати улогата и значењето на професиите кои значат живот. Во вакви околности, секој деец кој прави „невидливи” промени за општествена корист, ќе биде незнаен јунак. А просторот кој треба да е општествена елита ќе биде преполнет со лица кои, сигурна сум, ненамерно, ја злоупотребуваат артикулацијата на вредности, ставови и мислења. Тие, во суштина, и не знаат поинаку! Е тоа е беда!

Иако се сметаме за материјално сиромашни, неопходно е да потенцираме дека бедата постои дури и кога општеството ги има сите материјални и природни претпоставки дека не постои. Беда во оваа смисла, се нехумани и неправилни услови и правила на живот во едно општество!

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …