Прилеп: Безмилосно се крчмел имотот на „Пазари“

Поради сериозна беспарица во моментов не може да се размислува за каква било модернизација или за посериозни инвестиции во јавното комунално претпријатие, вели Илиески.

Пишува Зоран Милошески, Прилеп

Недомаќинско работење, долгови кон вработените, крчмење на имотот, уништен лик на еден од најубавите пазари во државата, тоа е она што го наследи новиот менаџерски тим на ЈКП „Пазари“ по промената на локалната власт во Прилеп.

Кристијан Илиески, в.д. директор на „Пазари“, вели дека поради сериозна беспарица во моментов не може да се размислува за каква било модернизација или за посериозни инвестиции во јавното комунално претпријатие. Додека претходниот директор Пецо Димоски и ексградоначалникот Марјан Ристески го крчмеле имотот на комуналното претпријатие, 27 вработени биле без плата и надоместоци, вели Илиески.

– Само по основ на ДДВ, „Пазари“ кон УЈП должи повеќе од два милиони денари, плус околу 300.000 денари камата за задоцнето плаќање, а и долгот за данок на имот изнесува околу 300.000 денари. По спогодби за неостварени права од колективниот договор, на вработените треба да им се исплатат околу 700.000 денари за 2015 година, како и 460.000 денари дополнителни обврски по истата основа за изминатата 2017 година. Со завршната сметка се констатирани преку половина милион денари обврски на фирмата за коишто сè уште немаме точни сознанија каде се потрошени – истакнува Илиески.

Сомнителна продажбата на некогашниот млечен пазар

Правен тим на „Пазари“ води посебна постапка за сомнителната продажба на некогашниот млечен пазар. Покрај уривањето на млечниот пазар и продажбата на земјиштето, во 2013 година беа урнати и десетина други дуќани кои на јавното претпријатие му носеа значителен профит. Иако со првичната продажба на земјиштето на „Камфуд“ и изградбата на новиот трговско-деловен комплекс за сума од 400.000 евра, на „Пазари“ требаше да му припадне канцелариски простор со површина од 240 м2, тоа не се случи, од причина што само неколку месеци подоцна новиот сопственик се откажа од изградбата на објектот.

На повторната продажба земјиштето го купи „Тинекс“ но, како што тврдат од „Пазари“, од новиот трговско-деловен комплекс кој се гради, нема да им припадне ниту еден единствен квадратен метар.

– Посебна приказна е „Сточниот пазар“ и угостителскиот објект кој беше во сопственост на претпријатието, а кој претходното раководство го продаде за екстремно ниска цена од 800.000 денари. За уредување на овој пазар, „Пазари“ инвестираше четири милиони денари за потоа со промена на деталниот план, Општина Прилеп да го одземе корисничкото право, со што „Пазари“ го изгуби и овој имот – појаснува Илиески.

И покрај тоа што во изминатите три-четири месеци Илиоски успеал да исплати дел од заостанатиот долг за ДДВ, како и значителни средства за плати и други надоместоци за вработените по потпишани спогодби, состојбата во јавното комунално претпријатие и натаму е тешка.

Освен растерувањето на „маглата“ околу финансиското работење на претходните раководства и мистериозното крчмење на имотот, приоритет на Илиески е финансиска консолидација на „Пазари“ и враќање на духот на пазарот, враќање на еснафот, со години негуван низ прилепската традиција.

Објавено во „Слободен печат“

Прочитајте повеќе

Мирна состојба во општините на северот на Косово

Косовската полиција соопшти дека состојбата е мирна во општините на северот на Косово, населени со …