Прилеп е домаќин на државното првенство во ридски велосипедизам

Денеска во Прилеп се одржа државното првенство во ридски велосипедизам, во рамките на друмскиот шампионат. На трката учествуваа околу 60 велосипедисти, од сите клубови во Република Македонија. За разлика од минатите години кога трката се возеше до Крушево, годинава целта на трката беше кај манастирот Трескавец.

Државна вело трка, манастир Трескавец, мај 2018

Поздравувајќи ги велосипедистите и организаторите од Велосипедската федерација на Македонија (ВФМ), градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски упати апел и до натпреварувачите, но и до младите луѓе, да го користат велосипедот во секојдневниот живот. Како што напомена градоначалникот, има три работи, поради кои велосипедот треба што почесто да се користи.

Државна вело трка, Прилеп,мај 2018

„Секогаш во градот ќе стигнете побрзо од кое било моторно возило. Секогаш ќе биде поевтино да стигнете до целта со велосипед, отколку со моторно возило. И трето, што е многу важно, многу е поеколошки, затоа што не предизвикува никакво загадување. Треба да ја чуваме животната средина, а со велосипедизмот тоа и ќе го правиме. Затоа сакам да истакнам дека сите улици,што ќе ги уредуваме во Прилеп, секаде каде што има можност ќе се гради и велосипедска патека“, потенцираше градоначалникот Јованоски.

Сашо Димитриоски, претседател на ВФМ, рече дека Прилеп отсекогаш бил добар домаќин и нема дилема дека така ќе биде и оваа година. Во знак на благодарност за помошта при организацијата на трката, Димитриоски на градоначалникот Јованоски му предаде благодарница.

„Имаме околу 60 велосипедисти,што доаѓаат од скоро сите клубови во државата. Патеката е многу тешка и стрмна, но се надеваме дека велосипедистите успешно ќе ја завршат. Лигата на Велосипедската федерација на Македонија се одвива во текот на целата година, ова е една од трките коишто се одржуваат скоро секоја втора недела. Од секоја трка бодовите се собираат и на крајот на годината ги избираме најдобрите велосипедисти“, изјави Димитриоски непосредно пред стартот на трката.

Државна вело трка,манастир Трескавец,мај 2018

Трката ја завршија сите велосипедисти, а на најдобрите во сите 7 категории, им беа доделени пехари и дипломи.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …