Прилеп е подготвен за карневалот „Прочка“

Од петок до недела (08-10 март) Прилеп ќе биде домаќин на 18 по ред, традиционален карневал „Прочка“, на којшто ќе учествуваат бројни поединечни и групни маски од земјава и странство.

„Сè е подготвено за спектакуларен почеток на карневалот, кој што одбележува полнолетство, но се одржува прв пат од формирањето на ФЕКК Македонија. Како општина и како град сме целосно подготвени да ги пречекаме годинешните гости на карневалот.Ги поканувам сите граѓани од нашата општина, сите граѓани од државата кои што се љубители на карневали и забави под маски, да дојдат и да уживаат во оваа забава“, порача градоначалникот Илија Јованоски.

Според советникот за култура на Општина Прилеп, Јана Јанеска Ристески, карневалската забава ќе трае три дена и секој од нив, ќе понуди посебна забава за учесниците,гостите, за туристите, кои што ќе ја следат „Прочка 2019“ во Прилеп.

„Во петок во центарот за култура ‘Марко Цепенков’, ќе бидат изложени маските, што ќе ги изработат креативните ученици и нивните наставници од сите прилепски училишта. Во сабота на плоштадот ‘Методија Андонов Ченто’, ќе се одржи традиционалното дефиле на ученици со маски. А, во недела се одржува натпреварувакиот ден од карневалот,којшто е посебен по тоа што во исто време се натпреваруваат и традиционални и модерни маски“, изјави советничката Јанеска Ристески.

„Статуа фест“ и „Арт стрит“ забавите се дел од урбаните содржини со коишто карневалот ќе направи модерен спој со конвенционалните содржини, коишто беа понудени на досегашните изданија на забавите под маски.

Според Хилда Црнеска член на здружението „Прилепчки мечкари“ коешто со Општина Прилеп е и носител на карневалот повеќе од деценија, за оваа карневалска фешта голем интерес покажале многу здруженија, групни маски од странство.

„Ќе имаме гости од Лесковац, Шабац, Бела Црква, Бања Ковиљача, Белград, за прв доаѓа маска од Сплит, неколку маски од Бугарија. Благодарение на европски ориентираниот градоначалник, имаме огромна поддршка оваа манифестација да ја направиме уште подобра. Мислам дека годинава ќе имаме еден од подобрите карневали“, изјави Црнеска од здружението „Прилепски мечкари“.

На карневалот „Прочка 2019“ доаѓаат гости и од Србија, Црна Гора,Турција, Хрватска и други земји. По завршување на натпреварувачкиот дел од карневалот, во понеделник на пладне, во манастирот „Свети Ѓорѓија“,во организација на здружението „Прилепски мечкари“ ќе се одржи традиционален посен ручек.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …