„Службите задолжени за зимско одржување на улиците и патиштата во општина Прилеп, континуирано работат на чистење на снегот и создавање услови за непречено движење на возилата и пешаците“, рече во изјавата дадена за медиумите Благоја Богоески, претставник на локалната самоуправа, задолжен за надзор на зимското одржување на улиците.

Богоески истакна дека чистењето на улиците се врши со 5 камиони, 2 скипа и грејдер, така што се очекува дека до крајот на денот ќе бидт исчистени сите улици во градот.

„Динамиката на работење не дозволува сите улици да бидат исчистени во еден момент. Исто така, 90 отсто од патиштата до населените места се чисти, остануваат уште едно или две села каде денеска ќе биде испратена механизацијата. Патот за Мариово го одржува „Македонијапат“, доколку има потреба ќе им испратиме помош во возила, со цел да бидат оспособени патиштата до сите села кои гравитираат во овој регион“, изјави Богоески.

„Дежурните екипи на „Елмонт“, со 5 камиони со нож и посипувач, 3 машини со ножеви и грејдер, во текот на ноќта извршија обиколка на улиците од прв приоритет, при што беа потрошени околу 100 метра кубни мешавина на ризла и сол. Во моментов се работи на чистење на улиците од втор и трет приоритет во населбата Варош, патот до манастирот „Св.Арахангел Михаил“ и потесните улици околу него. Што се однесува до населените места во Мариово, чекаме „Македонијапат“ да го пробие главниот пат, после што во текот на попладневните часови или утре претпладне, ќе интервенираме со две машини и камион со посипувач“, потенцираше Александар Здравески од „Елмонт“.

Надлежните служби укажуваат на проблемите со возилата паркирани на улиците и тротоарите, што ја оневозможува механизацијата да изврши комплетно чистење на улиците во градот. Од тие причини, се упатува апел до граѓаните да ги тргнат своите возила од овие површини, со цел службите за зимско одржување на улиците и патиштата непречено и целосно да ги исчистат улиците.

Фирмите ангажирани за одржување на улиците и чистење на снегот, нагласуваат дека ги имаат обезбедено потребните количини на камен материјал и сол за целата зимска сезона и дека спремни ќе ги дочекаат новите врнежи на снег.