Со полагање на свежо цвеќе на спомениците на Методија Андонов – Ченто и Кузман Јосифоски – Питу, Алејата на народните херои, споменикот „Жена борец“ и Могилата на непобедените, согласно протоколот за одбележување државни празници, Прилеп го одбележа Денот на народното востание, 11 Октомври.

Во својата изјава, градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски рече дека патот, вековниот сон и стремеж на македонскиот народ кон создавање своја самостојна држава, беше трасиран пред точно 79 години, на 11 октомври 1941 година.

„Кога сме овде, на Могилата на непобедените и кај Алејата на народните херои, јас се чувствувам горд, како и впрочем сите прилепчани, затоа што аманетот и делото на борците и хероите кои ги дале своите животи за да ја имаме денешната слобода, имаме обрска да го продолжиме. Сигурен сум дека сите заедно ќе успееме тоа да го направиме, бидејќи оваа генерација направи еден крупен исчекор со зачленувањето на нашата држава во најголемата воена алијанса, НАТО, со што ги обезбедивме границите, сигурноста на земјата, но и економскиот развој. Убеден сум дека до крајот на оваа година ќе добиеме и датум за преговори за членство во ЕУ. Денеска сме соочени со еден предизвик на пандемија на Ковид-19, со што се сменија условите на живеење. Новата нормалност е поинаква. Гледаме дека последниов период имаме поголем број на новозаболени, што ми дава право да испратам порака до нашите сограѓани, дека треба сите да ги почитуваме препораките и мерките на Владата и протоколите на Комисијата за заразни болести, затоа што давањето личен пример е единствениот начин да покажеме дека сакаме да го решиме овој проблем. Ако успееме да бидеме единствени и сите заедно да се сплотиме, ќе бидеме победници и овој пат“, истакна градоначалникот Илија Јованоски.

„Што е задача на нашата генерација? Државноста ја имаме, таа ни е обезбедена и долгорочно државата ни е стабилна, бидејќи сме дел од НАТО алијансата. Следната задача ни е европскиот начин на живот да го донесеме дома, преку пристапниот процес со Европската Унија, стандардот, платите, редот, правдата, образованието, здравствениот систем, животната средина. Да го искористиме аманетот на предците, да ја искористиме нашата државност, да ја направиме, силна, богата, успешна и просперитетна Република Северна Македонија. Тоа е задачата на оваа генерација. Убаво е овие церемонии и традиции да ги негуваме, со што на некој начин си ја покажуваме линијата“, изјави заменик на претседателот на Владата за европски прашања, Никола Димитров.

„Добро е што општинските власти и политичките партии им оддаваат почит на храбрите борци, чии имиња се напишани на могилата. Прилеп, градот на Ѓорче, Пере, Кузман, како јадро на партизанското движење, секогаш им оддавал почит и на партизаните, и на комитите, и на војводите“, потенцираше претседателот на Општинскиот одбор на Сојуз на борци од Прилеп, Круме Соколоски.

Покрај делегацијата на Општина Прилеп предводена од градоначалникот Илија Јованоски, венци и свежо цвеќе на спомениците и спомен обележјата положија и заменик на претседателот на Владата за европски прашања, Никола Димитров и министерката за образование и наука, Мила Царовска, пратениците во Собранието на РСМ, Миле Талевски и Ана Лашкоска, претставници на Претседателот на државата, Армијата, Сојузот на борци и Советот на општина Прилеп, амбасадорот на Кралството Холандија во нашата држава, Дирк Јан Коп, како и делегации на политички партии.