Фондот за иновации и технолошки развој објави повик за финансиска поддршка на проекти за развој на малите, средни и микропретпријатија.

Пишува Зоран Милошески, Прилеп

Повеќе од 250 барања за подигање обрасци за аплицирање се поднесени до Фондот за иновации и технолошки развој кој објави повик, упатен до малостопанствениците, за финансиска поддршка на проекти преку четири инструменти за кофинансирање грантови.

Висината на финансирањето на грантовите изнесува до 30 отсто од вкупниот буџет на проектот, со исклучок на грантовите за подобрување на иновативноста, каде што финансирањето е до 70 проценти, но не повеќе од 20 милиони денари.

Повикот е отворен од 28 април и се очекува дека до 11 јуни, до кога е крајниот рок за аплицирање, бројката на апликанти да биде повеќекратно зголемена.

За таа цел, Фондот за иновации и Општината Прилеп организираа инфосесија, со цел да ја објаснат постапката за поднесување предлог-проекти во рамките на столб 3 од Планот за економски раст на Владата на Република Македонија.

Ирена Георгиевска од Фондот вели дека суштината на инфосредбата е како правилно да се аплицира за да се добие предвидената финансиска поддршка на проектите за развој на малите, средни и микропретпријатија.

– Бројот на компании кои сакаат да се пријават на јавниот повик не е ограничен. Секој што има проект кој води кон технолошки напредок или содржи во себе иновација, а кој ги исполнува условите од Законот за трговски друштва и условите наведени во правилниците на инструментите, има право да аплицира. Предвидени се четири инструменти на поддршка. Првиот инструмент е наменет за мали и средни претпријатија кои имаат тенденција на брз пораст, или таканаречени „газели“. Вториот инструмент е наменет за микропретпријатија, третиот е наменет за сите претпријатија, вклучувајќи ги и големите и тука поддршката е исклучиво за иновативни проекти. Четвртиот инструмент е наменет за стручно усовршување и пракса на млади лица. Процентот на кофинансирање од страна на Фондот зависи од самиот инструмент. За третиот инструмент е максимум до 70 отсто, а за сите други до 30 отсто – истакна Георгиевска.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски рече дека стратегијата на Општина Прилеп е да ја интензивира соработката со бизнис-секторот и во тој контекст да им помогне на претпријатијата со успешни апликации да дојдат до пари со кои ќе ги реализираат своите бизнис-идеи. Истовремено, како што напомена Јованоски, кофинансирањето на проектите од страна на државата е еден од начините за намалување на одливот на млади и образовани кадри од земјата.

– Правилно изработената апликација е главниот услов за добивање на грантовите од столбот 3 од Планот за економски раст на Владата. Наша обврска како Општина е да направиме амбиент и услови за работа, да ја поттикнеме администрацијата да им помага и да работи во интерес на овие правни субјекти. Ова е еден од начините да ги задржиме младите да останат во Прилеп и во Македонија – рече Јованоски.

Објавено во „Слободен печат“