Прилеп: Опозицијата обвинува за реваншизам, власта демантира

Со почетокот на Новата година без работа останале 270 лица, претходно вработени во училишта, градинки, болница и јавни претпријатија, обвини координаторот на прилепскиот општински комитет на најголемата опозициска партија, Петар Ристески.

Пишува Зоран Милошески, Прилеп

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп ја обвини локалната власт дека со почетокот на Новата година без работа оставиле 270 лица, претходно вработени во училишта, градинки, болница и јавни претпријатија. Координаторот на прилепскиот општински комитет на најголемата опозициска партија, Петар Ристески, како директни виновници за политичките притисоци, заканите и реваншизмот во образованието, ги посочи градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, но и премиерот Зоран Заев.

– На ниво на Општина во моментов има околу 120 вработени во образованието на кои им се прекинати договорите за работа, а 20 од нив се со исполнети услови за трансформација. Сите тие кои тужат поради тоа што новоназначените директори не постапуваат по закон, од истите тие директори имаат добиено изјави дека нивните работни места не се од траен карактер. Тоа го прават со изјава за морална и кривична одговорност поради што треба кривично да одговараат за давање на лажни изјави – вели Петар Ристески, координатор на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Ристески обвини и за 19 вработени во прилепските градинки кои, како што рече, спротивно на изјавата на министерката Мила Царовска која изјави дека ги потпишала согласностите за продолжување на договорите, сепак останале на улица.

Не се откази, туку истечени договори

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски најенергично ги отфрла обвинувањата за каков било политички реваншизам и вели дека станува збор за обичен спин од страна на ВМРО-ДПМНЕ и нивните медиуми. Јованоски тврди дека ниту еден вработен во локалната самоуправа не добил отказ, туку дека на одреден број лица им истекле договорите за нивни ангажман кои ги склучиле со претходниот градоначалник.

– Одговорно тврдам дека не сум потпишал никакви отказни решенија за вработени во Општина Прилеп. Заклучно со 31 декември 2017 година, на шеесетина лица им истекоа договорите за работа кои ги склучиле со претходниот градоначалник. Она што во иднина треба да го работи општинската администрација, онолку колку што мислам дека ќе има потреба од вработени, толкав број на квалитетни и стручни кадри ќе бидат ангажирани. Меѓутоа, нивниот ангажман нема да биде како досега, вработените да ги држиме на “стенд бај“ само за да служат како гласачка машинерија. Напротив, вработувањата ќе бидат на неопределено време, на јавен оглас на кој ќе можат сите да конкурираат, а ќе бидат избрани најдобрите. Зошто претходниот градоначалник не го направил тоа, зошто манипулирал со тие шеесетина луѓе, зошто не им издал решенија за вработување на неопределено време, тоа се прашања кои треба да му се постават нему – изјави градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски.

Што се однесува до вработените во градинките, Јованоски рече дека е точно оти министерката за труд и социјална политика Мила Царовска испратила допис за продолжување на договорите на вработените во прилепските градинки. Меѓутоа, дополни Јованоски, на 19 вработени кои ги посочија од ВМРО-ДПМНЕ, договорите им завршиле на 31 декември и за нивно продолжување треба да биде распишан оглас.

– Откако тоа ќе биде направено, со избраните кандидати ќе бидат склучени договори според законската регулатива и препораките на Министерството за труд и социјална политика – вели градоначалникот на Прилеп.

Објавено во „Слободен печат“

Прочитајте повеќе

насилство насилник

Уапсени три лица од струшко осомничени за полови дејства со деца

Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Струга достави предлог за определување мерка притвор и …