Прилеп: Паркингот што се наплаќа го „затна“ сообраќајот

Најфреквентната раскрсница, која се наоѓа во строгиот центар, е стеснета, со цел да се „украде“ простор за изградба на платен паркинг. Оттогаш, ова „тесно грло“ често предизвикува застој на сообраќајот во Прилеп.

Пишува Зоран Милошески, Прилеп

Прилеп е еден од градовите во земјава, во кои хаосот на улиците и булеварите, особено во централното градско подрачје, станува сериозен проблем за безбедното одвивање на сообраќајот.

Зголемениот број на автомобили и одамна изградените сообраќајници, проектирани за помал број на моторни возила, се главната причина што во пазарните денови и во одредени периоди од денот движењето со автомобил низ прилепските улици е невозможна мисија.

Решението на проблемот, во еден дел, ги надминува ингеренциите на локалната самоуправа. Поради ова неопходна е координација на Општината со соодветните институции, пред сѐ, со Министерството за внатрешни работи.

– Со градоначалникот Јованоски разговаравме да имаме заеднички пристап во средување на сообраќајниот хаос во градот преку интензивна работа и плански пристап во делот на сообраќајот и сообраќајните прекршоци, со цел зголемување на свеста кај возачите и граѓаните во однос на сообраќајната култура – истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, при неговата неодамнешна посета на Прилеп.

Актуелниот прилепски градоначалник проблемите со патната инфраструктура ги наследи од неговиот претходник. Доскорешниот „татко на градот“ Марјан Ристески, не само што за 12 години не го растовари сообраќајот во централното градско подрачје, туку не изгради ниту една нова улица, а дел од постојните улици ги стесни. Најеклатантен пример за тоа е улицата „Кузман Јосифоски-Питу“, на потегот кадешто се вкрстува со булеварот „Гоце Делчев“. Станува збор за најфреквентната раскрсница во градот, која се наоѓа во строгиот центар, непосредно пред Центарот за култура „Марко Цепенков“.

Единствената причина поради која поранешното општинско раководство се одлучи на неразумниот и неиздржан потег беа парите. Со цел да “украде“ простор за изградба на платен паркинг, ЈП за просторни и урбанистички планови кое стопанисува со паркинзите во Прилеп одзеде дел од улицата „Кузман Јосифоски-Питу“ и ја пренамени во паркинг. Оттогаш, раскрсницата е „тесно грло“ кое често предизвикува застој на сообраќајот.

Далавери со зимското одржување на улиците

Дополнителен проблем за безбедното одвивање на сообраќајот низ прилепските улици претставува нивната очајна состојба. Улиците се запуштени, со спуштени или издигнати шахти, амортизирани од долгогодишната експлоатација, со години само „крпени“ и „шминкани“.

Последните кривични пријави кои МВР ги поднесе против ексградоначалникот Марјан Ристески и пет други лица, а кои се однесуваат на злоупотреби во постапката за јавна набавка за зимско одржување на улици и патишта на територијата на Општина Прилеп, ги потврдија шпекулациите дека овој профитабилен бизнис бил строго контролиран од страна на претходната локална власт на ВМРО-ДПМНЕ.

„Пела транс“ е фирмата која 13 години го добиваше тендерот за зимско одржување на прилепските улици, иако, како што утврдиле инспекторите на МВР, не можела да учествува во постапките за јавни набавки поради неисплатени даноци и придонеси. „Пела транс“ се наоѓала на листата на должници на УЈП уште од 2011 година, кога нејзините обврски изнесувале повеќе од 7 милиони денари. Тоа е причината поради која фирмата заработи кривична пријава за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. Од таа 2011 па до 2017 година, ексградоначалникот Ристески на „Пела транс“ ѝ овозможил да се стекне со противправна имотна корист од 77 милиони денари.

„Пела Транс“ имаше и друг договор со Општина Прилеп, кој се однесуваше на одржување и санација на улиците. Меѓутоа, поради евидентираните незаконитости во работењето и поднесената кривична пријава од страна на МВР, Општина Прилеп договорот го раскина. Ваквиот развој на настаните значи пролонгирање на реконструкцијата на улиците, од причина што локалната самоуправа распиша оглас за избор на нова фирма која ќе врши нивна санација и рехабилитација.

Објавено во „Слободен печат“

Прочитајте повеќе

Грковска на средба со струмичките средношколци: Интегритетот, чесноста и одговорноста се клучни вредности за градење подобро општество

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска го …