После 6 години поминати во Чешка, крилниот напаѓач Зоран Даноски се враќа во Македонија и во пролетната полусезона ќе настапува за прилепска „Победа“. Со ангажманот на 27 годишниот Даноски, тренерот на „Победа“ Славољуб Бубања, добива квалитетен офанзивец и силен адут во напаѓачката формација на црвено-белите, од која напролет се очекува поголема ефикасност во однос на есенската полусезона.

Во есенскиот дел, Даноски настапуваше за „Прибрам“, во чешката Втора лига, каде на 15 натпревари постигна 4 голови. Во кариерата настапувал за „Кожуф“, од каде направи трансфер во чешки „Мост“, па во „Прибрам“, а како позајмен од овој чешки клуб настапуваше за скопски „Металург“, „Тиквеш“ Кавадарци и хрватски „Интер Запрешиќ“.

Даноски е шестото засилување на ФК „Победа“ за пролетниот дел во првенството. Прилепскиот прволигаш  досега ги ангажираше Дарко Тофилоски, Иван Ивановиќ, Аљтин Лога, Никола Јаќимовиќ и младиот Благоја Спиркоски, а голема придобивка е останувањето во клубот на еден од најдобрите фудбалери Филип Најдовски.

Исто така, клупското раководство на ФК „Победа“ донесе одлука од 1. февруари 2018 година да не наплаќа членарина за ниту една од генерациите кои се вклучени во работата на пионерско-младинската школа на клубот, а истовремено ги информира сите заинтересирани и талентирани млади дечиња, дека клубот е отворен за упис на нови членови во сите генерации.

ФК „Победа“ се обврзува дека сите новопримени членови ќе бидат селектирани од тренерите во пионерско-младинската школа.