Каратистката на карате клубот ,,БОНСАИ” Прилеп, Матеа Талеска утре патува на Европското првенство за кадети, јуниори и јуниорки до 21 година, кое ќе се одржи во Алборг, Данска, од 7-11 февруари, каде ќе ги брани боите на карате репрезентацијата на Македонија.
Талеска беше државен првак во кати за јуниорки до 21 година, а на Балканското првенство кое во декември 2018 година се одржа во Дубровник, Хрватска, го освои третото место во кати за јуниорки до 21 година, со што се избори за пласман на Европското првенство во Данска.
Од карате клубот „БОНСАИ“ велат дека Матеа се наоѓа во добра физичка и психичка кондиција и дека е подготвена за успешен настап и добар пласман на претстојното Европско првенство, иако е најмлада во својата категорија.
Карате клубот ,,БОНСАИ” континуирано има репрезентативци во сите категории и возрасти, што е резултат на макотрпната и посветена работа на каратистите и нивните тренери, Валентина Пурдеска и Дамјан Ристески, како и на посветениот судиски тим кој постојани ги подготвува за нови спортски предизвици.