Општинската организација на Сојуз на борци на Македонија – Прилеп, во соработка со Општина Прилеп, денеска ја одбележа 75 годишнината од Февруарскиот поход. За таа цел, по врвиците на Февруарскиот поход беше одржан традиционалниот марш, кој оваа година беше реализиран на релацијата Меморијален музеј „11.Октомври“ – Бучало – Бузана чешма – Дунанива – Петров кладенец – Домаќинско чешмиче – Манастир „Св.Димитрија“ во село Селце.
Покрај членовите на планинарските друштва од градот, учество на маршот зедоа поголем број граѓани на Прилеп, како и гости од Велес, Демир Хисар, Гостивар и Битола.
Претседателот на прилепскиот Сојуз на борци, Круме Соколоски рече дека Богомилскиот, односно Февруарскиот поход практично започнал со формирањето на партизанскиот одред „Мирче Ацев“, во кој најголемиот дел биле прилепчани, додека посебно значење има формирањето на Македонско-косовската бригада во 1943 година.
„Формирањето на Народно-ослободителната војска зема замав во 1943 година, со формирањето на повеќе партизански одреди и баталјони. На Кожуф планина се организираат сите покрети за ослободување на Македонија. Таму биле формирани три правци на движење: една група оди кон источна Македонија, према Малешевијата и Беласица, втората група оди кон Тиквешијата, додека третата група тргнала кон прилепскиот и мариовскиот крај. Првата Македонско-косовска бригада поминала повеќе од 300 километри, а таа 1943 година веќе се насетувало дека фашистичките сили ќе бидат поразени. Заради неговото огромно значење, Прилеп секоја година достојно го одбележува овој значаен настан“, истакна Соколоски.
Заблагодарувајќи се на поканата да биде дел од одбележувањето на 75 годишнината од Февруарскиот поход, градоначалникот Илија Јованоски напомена дека денешниот ден многу наликува на деновите од пред 75 години.
„На вас учесниците сакам да ви укажам благодарност, затоа што денешниов ден наликува на деновите од Февруарскиот поход. Во такви услови, вие се собравте овде, поединци, претставници на планинарските друштва, љубители на планинарењето, да го одбележиме овој јубилеј. Благодарност и до Сојузот на борци, кои најдоа начин достојно да го прослават овој значаен датум. Сакам да истакнам дека и државата, и локалната самоуправа преземаат активности за успешно пристапување кон Северноатлантската алијанса и европската иднина“, потенцираше градоначалникот Јованоски.
За сите учесници на годинешниот марш и за гостите, беше организиран ручек во манастирот „Свети Димитрија“ кај с.Селце.