„Пиреј“  од Петре М. Андреевски, во режија на  Љупчо Ѓорѓиевски,  е новата претстава  што се подготвува во театарот „Војдан Чернодрински“, а чија премиера се очекува на крајот на април.

Во драмска форма, текстот за прв пат е изведен во 1982 година  во битолскиот театар, во режија на Владимир Милчин. Како што вели режисерот Ѓоршиевски, „Пиреј“ ќе биде претстава за човекот, за расцепот  на овие простори, за растргантоста на народот, за судбината на човекот од крв и месо.

„Петре М. Андреевски, за жал, не сум го работел досега, но за среќа во мои зрели години се навраќам на него. Да се поставува Петре М. Андреевски секогаш има повод. Тој е голема инспирација и за мене  како режисер и за сите соработници, но и за актерскиот ансамбл. Велам голема инспирација, затоа што Петре длабоко навлегува во судбината на овој народ, длабоко продира во неговата душа и имам впечаток кога човек ги говори неговите зборови, како да ги корне сопствените  зборови од длабочината на својата душа. „Пиреј“ е објавен 1980 година, во други околности и зборува за една доста горлива тема за нас и нашето поднебје, за нашето парчосување после Балканските војни и периодот на Првата светска војна. Турбулентен период за нашиот народ, за неговата сиромаштија, за неговата борба, за сите наезди и туѓи  апетити. Мислев асоцијативно дека и денес таа ситуација наликува многу. И затоа предизвикот е голем“, вели режисерот.

Во претставата ќе игра речиси целиот ансамбл на театарот. Сценографија е дело на Валентин Светозарев, костимите на Андреј Ѓоргиевски, а автор  на музиката е Димитар Андонов.

Претставата „Пиреј“ финаниски е поддржана од Министерството за култура, во програмата за работа на ЦК „Марко Цепенков“ за 2018 година.