Со претставата „Обѕрни се во гнев“, во режија на Kристина Димитрова, во петок на 18 мај 2018 прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ гостува на Фестивалот на малите театарски форми  во Враца, Бугарија, кој е еден од најстарите театарски фестивали со долгогодишна историја во Бугарија.

Во претставата играат актерите Димитар Ѓорѓиевски, Катерина Чакмакоска-Клинческа, Илија Волчески и Даниела Иваноска. Автор на текстот е Џон Озборн, драматурзи Ивана Нелковска и  Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, автор на музиката Дарија Андовска, а сценографијата и костимите на Илина Ангеловска.

„Обѕрни се во гнев“ ја отсликува побуната на младата несфатена повоена генерација, против генерацијата на нивните родители кои го довеле општеството до пропаѓање во морална и финансиска смисла. Се работи за побуна против светот во којшто владеат материјалните вредности, лицемерието на општеството кон луѓето што се борат за својот напредок а не добиваат ништо, за безволноста, за човечкиот гнев, осаменоста… Текстот се поставува по точно 60 години од неговата прва изведба, a темите кои ги обработува, денес се исто толку актуелни како во времето кога е напишан.