Ансамблот на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, синоќа на матичната сцена премиерно ја изведе претствата „Демократија!“, работена по текст на Јосиф Бродски, а во режија на Кирил Петрески.

Текстот од Бродски е македонска праизведба, пишуван е во бурната 1989 година, во време на рушење на Берлинскиот ѕид, обединувањето на Германија, распаѓањето на Варшавскиот Пакт и почетокот на распадот на Советскиот Сојуз.

„Демократија“ е политичка гротеска за една измислена земја и измислени ликови, но реални проблеми кои се совпаѓаат со проблемите на повеќето земји од Источна Европа или Западен Балкан.

Претставата духовито и умешно го прикажува неочекуваното воведување на демократија во една мала социјалистичка држава.

Во претставата играат Марјан Чакмакоски, Димитар Ѓоргиевски, Ангела Наумоска, Михајло Миленкоски, Димитрина Мицкоска, како и младите Давид Папазоски и Теодора Трајческа.

Сценографијата е на Зоран Николовски, автор на музиката е  Марјан Нечак, а костимите се дело на Розе Трајчевска.