Пишува: Зоран Милошески

„За да ги оствари своите амбиции, жената мора да улови влијателен маж“.

„Сум бил член на сите партии и можам да кажам дека секаде е исто – секој за себе“.

„А љубовта сепак трае… додека не добиеш отказ“.

Ова се трите (нај)впечатливи парафразирани реплики од синоќешната премиера на претставата „Казимир и Каролина“, која прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ ја изведе на матичната сцена.

Претставата работена по текст на Еден Фон Хорват, а во режија на Нела Витошевиќ, само го потврди она што веќе неколку години наназад е констатација: дека ансамблот на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, е составен од врвни индивидуалци кои функционираат како одличен колектив.

Кажано во најкратки црти…

„Казимир и Каролина“ е претстава за уништените соништа, во која десеттемина актери ја наведоа публиката да дојде до единствениот можен заклучок: остаревме чекајќи го подоброто утре!

Честитајќи им за одличната ролја на, пред сите, Димитар Ѓорѓиевски и Катерина Чакмакоска, ќе го речам она што неизбежно се наметнува само по себе, а тоа е дека после вонсериските „Клетници“ и „Пиреј“, прилепскиот театар ги подигна стандардите и критериумите за оцена на уметноста на повисоко ниво. И тие, барем во овој момент, се тешко достижни и за нив самите, исто како и за останатите театарски куќи од државата.

Почитувани актери од прилепскиот театар – честитки за вашата кадарност!