Декамерон плакат

Прилепскиот театар во сабота премиерно ќе ја изведе претставата „Декамерон“

Во сабота со почеток во 19.30 часот, во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, премиерно ќе биде изведена претставата „Декамерон“ според Џовани Бокачо, во режија на Мартин Кочовски.

Во околности на глобална општествена безизлезност, неизбежно е да се занимаваме со „Декамерон“, со триумфот на волјата на човекот наспроти ужасната, незамислива препрека кон среќата – смртта. Ова е претстава која ја следи цикличноста на постоењето, каде што човекот низ постојана борба со вселенските или божествените неправди успева експлозивно да го издигне својот дух. Силно удира по деликатни места на општеството, будејќи воодушевувачка радост од театарскиот чин.

„Декамерон“ е претстава полна со живот. За жал, секојдневието не е. Специфичната природа на односи која ни е зададена во овој период, само ги извлече на површина проблемите на општеството кои сме ги имале. Изолираноста на индивидуата, отуѓувањето по секоја основа и класната поделба сега станаа видливи, но постоеле со децении. Истовремено, универзалната тага, солидарноста, сочувството нè поврзаа сите уште еднаш. Претставата „Декамерон“ стои на хуманистичката платформа на Џовани Бокачо и зборува за човековата волја за живот, радоста од „сега и тука“, за нашата кревкост но и за силата на човечкиот дух низ ефемерноста на среќата и поуките на трагичноста.

Во претставата играат актерите Александар СТЕПАНУЛЕСКИ, Наташа АЧАНСКИ, Здравко СТОЈМИРОВ, Илија ВОЛЧЕСКИ, Димитар ЃОРЃИЕВСКИ, Марија СПИРКОСКА-ИЛИЈЕСКА, Ангела НАУМОСКА, Игор ТРПЧЕСКИ, Михајло МИЛЕНКОСКИ, Андон ЈОВАНОСКИ, Александар ТОДЕСКИ, Димитар ЦРЦОРОСКИ, Цветанка ЧАВЛЕСКА, Сара СПИРКОСКА и Леонардо ЛАЗОВ.

Драматизацијата е на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографија ја изработи Филип Јовановски а костимографијата на Јулијана Војкова-Најман.

Музиката е дело на Оркестарот на театар „Војдан Чернодрински“ под водство на Пеце Трајковски-Брада, а вокал и музички соработник во претставата е Ана Митоска.

Прочитајте повеќе

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Откако Александар Николоски го обвини Венко Филипче дека ја злоупотребува професијата лекар, Филипче му порача …