Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ утревечер премиерно ќе ја изведе претставата „Каменот“

Утре, среда 25-ти ноември во 18:00 часот, во театарот „Војдан Чернодрински“ премиерно ќе биде прикажана претставата „Каменот“ од Мариус Фон Мајебург,  во режија на Кристина Димитрова.

Со помош на разни, добро подесени драматуршки инсталации, фон Мајенбург го истражува односот меѓу историјата и идентитетот. Неговиот деконструктивистички пристап следи на кој начин преку митот се реобмислува историјата и како митовите се претвораат во темелна приказната за идентитетот. Мајенбург ја користи структурата за да ја истакне проблематичната и збунувачка природа на паметењето и идентитетот, илустрирајќи како тие два елементи комуницираат и се мешаат меѓусебно.

„По повторното обединување, семејството Хајзинг се враќа во својата куќа во Дрезден во 1993 година, сметајќи ја таа куќа за своја сопстевност. Приказната започнува во 1935 година, кога истото семејство се вселува во куќата, купувајќи ја од еврејско семејство што е присилено да се исели. Шеесетина години подоцна, веќе остарената и дементна Вита, нејзината ќерка Хајдрун и петнаесетгодишната внука Хана, пробуваат да се вратат во старата куќа, но тоа оди тешко. Ѕидовите на оваа куќа знаат премногу магливи приказни што допрва се откриваат. Ја чувствуваме исчезнатата среќа, како и остатоците од војната, сиромаштвото, префрлањата, тешките дуели, лаги, непочитувања, лицемерие…Потребна е голема издржливост и многу компромиси за да се живее во мир.

Der Stein, или Каменот е една хроника за семејството Хајзинг која го опфаќа периодот од 1935 до 1993 година. Драмата раскажува дел од германската историја,задржувајќи се на овие шеесет години поминати во семејни тајни, лаги и измами, но и во чувство на вина и одговорност. Фон Мајенбург пишува заедна честа појава, семејство бега од својата вина со избегнување, ревизија и поедноставување на минатото.

„Каменот“ има фрагментарна структура – дејството буквално скокнува низ различни години: 1935, 1945, 1953, 1978 и 1993, а со тоа се создава необична и гротексна стварност, бидејќи гледачот сведочи за сомнежот во минатото и недоразбирањата во денешно време. Кога се открива вистината, дејството се враќа на самиот хронолошки почеток. Крајот нè остава без заклучок, но сознанието за разбирањето на семејството и неговото минато е засекогаш променето“, вели режисерката на претставата, Кристина Димитрова.

Ова е прва премиера на прилепскиот театар од почетокот на пандемијата на коронавирусот. Премиерата ќе се одвива според сите протоколи за заштита од Ковид-19 и со само 30 отсто публика во салата.

Во претставата играат Наташа Ачански, Катерина Чакмакоска – Клинческа, Димитар Ѓорѓиевски, Јасмина Мицовска- Станкоска, Марија Димитрова и Илија Волчески.

Драматург на претставата е Лидија Митоска Ѓорѓиевска. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Роза Трајчевска – Ристовска, а музиката на Томе Темелкоски.

Прочитајте повеќе

Победник на вечерта: „Опенхајмер“ освои седум Оскари

Филмот „Опенхајмер“ ја оправда фаворитската улога на 96. доделување на најпрестижните филмски награди во светот. …