Прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“ одбележува 40 години од постоењето

Прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“ одбележува 40 години од постоењето

Со премиерата на најновиот филм на Милчо Манчевски „Врба“, синоќа НУЦК „Марко Цепенков“ ги започна активностите за одбележување на 40 години од основањето на Домот на културата.

Цел месец активностите ќе бидат во знакот на роденденот. Ќе се одржат бројни концерти, претстави, изложби, меѓу кои и изложбата „Фрагменти“ од скулпторот Жарко Башески, пијано маратон, концерт на солисти „Амбасада на мајсторство“ од Санпетербуршката школа од Русија, премиера на претставата за деца „Ивица и Марица“,  како и концертот на 14 ноември, на кој ќе настапат бројни изведувачи од градот.

Националната установа Центар за уклтура „Марко Цепенков“ Прилеп, го создава, чува и негува богатото културно наследство, вткаено во сопствениот подем, во растот на градот кој неуморно покажува и докажува дека раѓа и одгледува писатели, сликари, актери, музичари, слободоумни луѓе со визија.

Домот својата дејност ја започнува во далечната 1979 година, а неговото отворање било со специјално подготвената театарска претстава „Факел“ од Коце Солунски.

Во почетокот, Домот на културата ги поттикнуваше аматерските самодејности: фолклор, сликарски школи, литературни, драмски и фото клубови. Во 90-те години во склоп на Домот на културата влегуваат КПЗ на град Прилеп, Списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ и ЦСЛУ, со што Домот на културата „Марко Цепенков“ прераснува во Центар за Култура “Марко Цепенков“ Прилеп, со професионална и значајна издавачка, ликовно – галериска и сценско музичка дејност.

ЦК „Марко Цепенков“ во 2004 г. го добива статусот Национална установа Центар за култура “Марко Цепенков“, во чии рамки влезе дотогаш Народниот театар „Војдан Чернодрински“.

Необично е тешко и речиси невозможно да се систематизираат, па дури и само да се набројат сите културни настани кои се создале, промовирале,  кои се зародиле и се одиграле во Домот на културата, кој е голема подршка за сите аматери од градот, но пред се’ голем репрезент на високо професионални театарски, литературни и ликовни дела.

За својата исклучително значајна културна дејност, како и за извонредните театарски и музичко сценски изведби, во 2009 година НУЦК „Марко Цепенков“ ја доби најпрестижната награда на град Прилеп, „3.Ноември”.

Прочитајте повеќе

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Компилациската плоча содржи песни од млади современи македонски поп артисти и беше еден од последните …