Пишува: Зоран Милошески

Провокацијата дојде пред неколку дена од Грција, од Солун: за време на одигрувањето на кошаркарскиот натпревар помеѓу домашниот ПАОК и белградски Партизан, на трибините беше истакнат транспарент на кој пишуваше „Македонија е Грција, Косово е Србија“.

За време на натпреварот кој директно беше пренесуван на еден од странските спортски канали, навивачките групи на ПАОК „Паокари“ и на Партизан „Гробари“, со заеднички сили навиваа за двата клуба. Братските односи на навивачите на ПАОК и Партизан пред сѐ се должат на црно-белата боја на двата клуба, што е отсликано и во заедничкиот слоган „Иста боја, иста вера“.

За време на одржувањето на натпреварот, покрај споменатиот транспарент, на трибините и покрај теренот беа истакнати и други транспаренти, меѓу кои и оној на кој пишуваше „Православни браќа“.

Од македонската страна, одговорот на провокацијата дојде недолго после овој настан.

Вчера за време на финалниот натпревар од турнирот „Вуко Каров“ на кој екипата на прилепска „Победа“ триумфираше, навивачката група на овој клуб позната под името „Мајмуни“ на оградата од фудбалскиот стадион истакна транспарент на кој пишуваше: „За јужниот сосед само банкрот, а за северниот од 99-та НАТО. Грција е Македонија“.

Кај дел од српските медиуми тоа не помина незабележано. За нив, пораката која ја испраќа транспарентот е „скандал“, иако истите медиуми само неколку денови порано пропуштија да го осудат однесувањето на српските и грчките навивачи.

„Искрите“ на релација Белград-Скопје ги запали српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, кој пред еден месец рече дека Србија направила грешка со признавањето на Македонија под уставното име.