Прилепските пазарџии излегоа на протест

Прилепските пазарџии излегоа на протест со едно барање – дислокација на „дивите“ продавачи од пред новата катна гаража

Прилепските закупци на тезги во градскиот пазар, денеска излегоа на протест заради, како што велат, уште едно предупредување до локалните власти за дислокација на „дивите“ продавачи на земјоделски производи од просторот кај новата катна гаража.

Во насока на што побрзо решавање на проблемот, претседателот на здружението „Пазари“, Николче Трајкоски побара активно вклучување на инспекциските служби.

„Бараме пазарниот и комуналниот инспекторат да ги расчистат узурпираните јавни површини кои со закон не се предвидени за пазарни места, а воедно да ги заштитат и граѓаните од продажба на градинарски производи во нехигиенски услови“.

Земјоделците кои своите производи ги продаваат од камиони, велат дека не вршат продажба на диво, туку за тоа добиле дозвола од директорот на ЈКП „Пазари“, за што месечно плаќаат по 13.000 денари.

Наспроти таквото нивно тврдење, претседателот на здружението „Пазари“, Николче Трајкоски, вели дека согласно законската регулатива, продажбата на земјоделски производи на големо треба да биде одделена од продажбата на мало. Дополнително, Трајкоски потенцира дека ниту Општината, ниту јавното комунално претпријатие не смеат да издадат одобрение за продажба на било какви производи од просторот каде што се лоцирани таканаречените „диви“ продавачи, бидејќи тој простор е наменет за паркинг.

Од здружението „Пазари“ истакнуваат дека се обратиле и до градоначалникот Борче Јовчески и до директорот на ЈКП „Пазари“ Игор Крстески, но оттаму не добиле никаков одговор.

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …