На денешната 48 седница на Советот на општина Прилеп, советниците ги изгласаа измените и дополнувањата на буџетот за тековната 2020 година. Со усвоените измени, општинскиот буџет изнесува 1.537.143.000,00 денари, што е за 29.5 милиони денари помалку од проектираниот, или кажано во проценти, тој е намален за 1.88%.

Основниот буџет кој беше проектиран на 630.000.000,00 денари, намален е за 5.84%, односно за 39 милиони денари. Намалување од 0.15% има и кај блок дотациите, кои сега се пониски за 1.161.000 денари. Во делот, пак , на донациите, општинскиот буџет е зголемен за 10.7 милиони денари, или за 29.6%.

Членовите на општинскиот Совет дадоа согласност за Годишниот план за вработување во 2021 година на ЈКП „Водовод и канализација“ и ЈКП „Комуналец“ , а ги усвоија и Програмите за одржување на јавната чистота, управување со отпад, за работа и одржување на градските гробишта и капела, како и за одржување и користење на паркови, зеленило, парк-шуми и рекреативни површини на ЈКП „Комуналец“.

Прилепските советници дадоа „зелено светло“ за Извештајот и Годишната програма за работа на ЈОУДГ „Наша иднина“ и предлог одлуките за определување услови и начина на давање под закуп на недвижен имот во сопственост на Општина Прилеп, во постапка со електронско наддавање.

Исто така, на барање на граѓаните на општина Прилеп, на денешната седница беа легализирани и повеќе бесправно изградени објекти.